Струга, 10. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на Drim Short Film Festival, вечерва, со почеток во 20:30 часот, на летната сцена при НУЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи специјална проекција на краткиот филм „Само ѓаволот се плаши од вода“, за прв пат пред струшката публика.
– Пријателството на Борис и Кира е ставено на тест, кога Борис под влијание на неговата баба ќе почне да се сомнева дека Кира е олицетворение на ѓаволот. Со тоа тој ќе се двоуми за нејзината добрина, до моментот кога Кира ќе му ја открие тажната вистина за нејзиниот живот, стои во описот на делото на Мојсовска.
Главните улоги во филмот ги толкуваат младите охриѓани Ангел Ристоски, ученик во 7² одделение при ООУ „Христо Узунов“ од Охрид и Анастасија Јованоска, ученичка во прва година во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид. Сценариото е дело на стружаните Јаков Попоски и Лидија Мојсовска, а Бранко Аврамовски беше директор на фотографија.
Неодамна, „Само ѓаволот се плаши од вода“, ја освои наградата за најдобар домашен, македонски филм од жирито на ФИЛМАЈ, Меѓународниот фестивал на краток филм Куманово 2024, што е трета награда за најдобар филм за делото на Лидија Мојсовска, по оние во Португалија и Црна Гора. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива