ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Галичица е најминирано место, но и најопасно за отстранување на гранатите кои се таму повеќе од 110 години

Охрид, 10. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Последниот пожар на планината Галичица и експлозиите кои се слушаат деновиве на тој потег, уште еднаш потврдија дека Галичица е најминираното место, но и најопасно за отстранување на гранатите кои се таму повеќе од 110 години.

Република Македонија е полна со неексплодирани експлозиви, особено по линијата на фронтот од Првата светска војна, а по бројот на жители и површина, се смета дека е најзагадена со неексплодирани експлозиви. Била на главната линија на Солунскиот фронт од Првата светска војна, кој бил долг 110, а широк 10 километри. Ги има најмногу во Гевгелија, Дојран, Богданци, Битола, Ресен, Охрид.

Галичица е најзагадено место, а гранати има и во природните езера. Искусните пиротехничари велат дека единствена опција да се отстранат експлозивите е ако се врши воздушен транспорт.

– Бомба може да се најде на секаков терен, особено кога се изведуваат градежни или земјоделски активности, а може да се најде и во водите на нашите природни езера кои, исто така, биле на линијата на фронтот. Без разлика каде е бомбата, ако се погоди директно запалката, може да се активира. Онаа муниција што не излегла од цевка не може да се активира затоа што запалката не ѝ е армирана. Основно правило е „средство што излегло од цевка да се уништи на самото место“, велат тие.

Пред повеќе од 10 години се спроведе и поголема акција во рамките на која беа извадени околу 30 тони гранати од Охридското Езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука