август 11, 2024

Охрид, 11. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со „кралицата на спортовите“ се запознал во далечната 2001 година на тогашниот општински натпревар во скок во височина каде го освојува првото место. Прв неговиот талент го воочува професорот Влатко Димитров, за кој Селман се сеќава дека му кажал „дојди во АК Охрид и ќе те направам да скокаш над 2 метри“.

Нашиот Реџеп Селман е вториот олимпиец од Охрид, веднаш по Александар Маленко. Роден е на 8-ми април 1986 година во Охрид. По образование е машинско-енергетски техничар, паралелно со звањето атлетски судија и тренер по атлетика. Работи во охридското Супер радио. а доаѓа од семејство во кое се негува музиката, но и градскиот – еснафски начин на живот. Неговиот татко, Кадри Селман, е човекот кој го разубавува центарот на Охрид со неговите неверојатни дела. Пред фигурите, кои скромниот уметник Кадри ги обликува од украсните грмушки, застануваат охриѓани и гостите и се сликаат за спомен.

со Phillips Idowu

со Драгутин Топиќ

– Олимписките игри како спортски настан се сонот на секој спортист. Патот до таму е многу тежок и треба многу работа и труд да се вложи за да се успее. Има два начина за учество на ЛОИ – со постигнување на зададената норма на дисциплината во која учествуваш (тие норми ги прави ИААФ – Интернационалната Асоцијација на Атлетски Федерации) или со „вајлд карда“, исто така рангирано по резултати, односно најдобриот резултат според табелата на ИААФ. Моето место за учество на ЛОИ го освоив со постигнувањето на мојот личен рекорд и со тоа станав број 1 според ИААФ табелата, вели Селман, кој во Пекинг се натпреваруваше во дисциплината троскок и го освои 37. место со резултат 15,29 метри.

со Tyson Gay

со Chris Paul, Jason Kid & Lebron James

Додава дека неговиот резултат тогаш носел приближно 1.000 бодови, а за комплетната организација на настанот во Пекинг, вели дека организацијата била совршена.

со Jadel Gregorio

– Беше изграден нов кварт, односно нов град за сите олимпијци и сето тоа беше максимално обезбедено. Поминувавме повеќе контроли само за да влеземе внатре во комплексот. Она што ми остави посебен впечаток е фактот што сите бевме како едно – немаше ѕвезди или VIP личности. Секој со секого можеше да разговара и да се дружи. Бев во друштво со најголемите великани во спортот, како Коби Брајант, Леброн Џејмс, Џејсон Кид, Асафа Пауел, Усеин Болт, Бланка Власич, Дирк Новицки, и многу други, потенцира Селман.

Повеќе за Селман, од интервјуто за OhridPress. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Реџеп Селман – приватна архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука