Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Пожарите во регионот на Охрид во моментов на мапата на NASA FIRMS

Охрид, 11. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Системот за информации за пожари и управување со ресурсите (Fire Information for Resource Management System – FIRMS) редовно ги објавува најновите податоци за пожарите ширум светот, скоро во реално време (NRT).

Екипата на OhridPress ја објавува најновата мапа на овој систем за пожарите во пошироката околина на Охрид.

Информациите се обезбедени преку системите за фотографирање (MODIS) на сателитите Aqua и Terra. На глобално ниво, овие податоци се достапни во рок од 3 часа по сателитското набљудување, но за САД и Канада, активните податоци се достапни во реално време.

NASA FIRMS користи сателитски набљудувања од системите MODIS и VIIRS за откривање активни пожари и термички аномалии ширум светот и ги доставува овие информации до носителите на одлуки. FIRMS првично беше развиен од Универзитетот во Мериленд.

Според официјалните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), вчера, сабота, 10-ти август, регистрирани се вкупно 42 пожари на отворен простор, од кои во моментов 6 се активни, 5 се под контрола и 31 се изгаснати.

– Во регионот на Охрид активен е пожарот на планината Галичица, кој се шири од „Магаро“ кон Стење, Општина Ресен. На овој потег гори нискостеблеста вегетација, стои во официјалната информација на ЦУК.

Според истиот извор, ставен е под контрола пожарот на Илинска Планина, на територијата на двете општини – Демир Хисар и Охрид.

– Изгаснати се и двата пожари во Општина Струга, на потегот на селата Долна Белица и Октиси, каде гореше ниска вегетација и кај селото Горно Татеши, каде гореше борова шума, додаваат од Центарот за управување со кризи.

Пожарот на територијата на Општина Охрид, на планината Галичица, се префрли од страната на Ресен, каде гори на потегот од врвот „Магаро“ кон Стење, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

– Врз овој пожар дејствуваат 18 храбри доброволци на Црвениот крст, дел од планинската спасителска служба од Охрид кои со хеликоптер ги пренесовме до врвот „Магаро“ од каде постепено се спуштаат и дејствуваат врз овој пожар каде гори трева и нискостеблести растенија, вели Ангелов.

Тој уверува дека пожарот ќе биде сопрен и нема да ги загрози населбите во подножјето на планината. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива/FIRMS

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука