Охрид, 12. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на вчерашниот ден, недела, 11-ти август 2024 година, регистрирани се вкупно 45 пожари на отворен простор, од кои во моментов 10 се активни, 3 се под контрола и 32 се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во регионот на Охрид, активен е пожарот на планината Галичица кој се шири во правец од врвот „Магаро“ кон Стење, каде гори нискостеблеста вегетација.
– Под контрола е пожарот во Општина Демир Хисар и Охрид на Илинска Планина, каде гореше ниска вегетација, нискостеблеста шума и букова шума, информираат од ЦУК.
Според истиот извор, изгаснат е пожарот кај селото Опеница каде гореше мешана шума и оној во Општина Струга, на потегот кај селата Долно Татеши и Добовјани, каде гореше ниска вегетација.
Утринските снимки на NASA FIRMS од пожарот на планината Галичица кој трае веќе неколку дена покажуваат дека истиот е проширен во однос на вчерашната состојба.
Охриѓани синоќа можеа и да го видат пожарот од центарот на градот, а облакот чад беше видлив од повеќе локации. Слична беше состојбата и утрово.
пожарот на Галичица утрово (фото: Ljupco Lepi)
– Врз пожарот на планината Галичица дејствуваат 18 храбри доброволци на Црвениот крст, дел од планинската спасителска служба од Охрид кои со хеликоптер ги пренесовме до врвот „Магаро“ од каде постепено се спуштаат и дејствуваат врз овој пожар каде гори трева и нискостеблести растенија, информираше вчера директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Тој уверува дека пожарот ќе биде сопрен и нема да ги загрози населбите во подножјето на планината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива/FIRMS