COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

ИЈЗ: Mинатата недела во Охрид регистрирани 22 случаи на Covid-19

Скопје/Охрид, 21. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 12-ти до 18-ти август 2024 година, во Република Македонија е регистриран 271 нов случај на болни од Covid-19, што претставува зголемување од 60,4 проценти во однос на претходната недела.

Тестирани се вкупно 608 материјали во лабораториите каде се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 33,3 проценти.

– Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од 17 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје – 152, Кавадарци – 25, Тетово – 23 и од Охрид – 22, a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објавен попладнево.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најголем број случаи пријавени се во возрасната група над 60 години.

– Во текот на минатата недела, пријавено е едно починато лице асоцирано со Covid-19. Се работи за лице на возраст над 60 години, со коморбидитети, невакцинирано со вакцина против Covid-19, појаснуваат од ИЈЗ.

Заклучно со 18-ти август, пријавени се вкупно 351.364 случаи на Covid-19 од кои 23.245 реинфекции.

Дека е зголемен бројот на лица позитивни на Covid-19 во државава, денеска потврди министерот за здравство Арбен Таравари. Тој потсети дека треба да се почитуваат заклучоците од Комисијата за заразни болести, како почести проветрувања и зголемена хигиена, а хоспитализираните пациенти кои ќе бидат инфицирани со Covid треба да продолжат да се лекуваат на истата Клиника.

– Има пораст на бројот на регистрирани со Covid-19 во државава, имаше состанок и Комисијата за заразни болести и имаме заклучок од нив како треба да се третираат, треба да се придржуваме на правилата, отворени простории, да нема повеќе луѓе на исто место, хигиената да се запазува. Меѓутоа, пациентите што се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со Covid, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника. Конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми, истакна министерот Таравари. (Крај)

извор: ИЈЗ фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука