Охрид, 24. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нашите Moira се меѓу суперфиналистите за годинешната награда „Милан Младеновиќ“, која ќе се додели во Макарска, Хрватска.
Ова ќе биде втора година како наградата се доделува во Макарска, во рамките на фестивалот „Сино и зелено“. Макарска е град од исклучително значење за воспитувањето и креативноста на Милано. Милан Младеновиќ е роден во Загреб, живеел во Сараево и Белград, а летувал во Макарска, родното место на неговата мајка Даница.
Суперфиналисти на наградата „Милан Младеновиќ“ 2024 се:
1. Moira – Aroma(n)tična / Република Македонија
2. Lennie – Desna strana knjige / Хрватска
3. Nemeček – Mirila / Хрватска
4. Škofja Loka VIS – Nikad niko / Србија
5. Tamara Mylo – Posle jednog proleća / Србија
Задужбината на Милан Младеновиќ во мај годинава, под слоганот „Пријави ја твојата песна“ распиша конкурс за наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година.
Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичкото творештво кое се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан, а се доделува за најдобра песна од поранешна Југославија на церемонијата на 21-ви септември – роденденот на Милан. Меѓу лауреатите на оваа престижна награда пред две години се најде и македонската пејачка Дина Јашари, па оттаму Конкурсот последниве години со нетрпение го очекуваат сите кои се дел од македонската музичка сцена.
За победникот на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година одлучува регионално жири составено од Ања Рупел (Словенија), Дубравко Јагатиќ (Хрватска), Макс Јуричиќ (Хрватска), Никола Врањковиќ (Србија), Светлана Ѓоловиќ (Србија).
Стручното жири прво избера 12 финалисти кои ќе бидат објавени на промотивна компилација во продукција на Фондацијата „Милан Младеновиќ“, а добитниците на овогодинешното признание ќе бидат наградени и со парични награди. Наградата е 3.000 евра. Фондацијата „Милан Младеновиќ“ воспостави долгорочна соработка со фестивалот EXIT, а добитникот на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година автоматски ќе биде вклучен меѓу изведувачите на EXIT за следната, 2025 година.
– Награда ќе добие и најиновативниот тапанар, како и најинтересниот вокалист, а годинава за прв пат ќе биде доделена и наградата за најдобар текст, порачуваат организаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива