Охрид, 10. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 2013 година, на 93-годишна возраст во Охрид почина Вангел Деребан, еден од најпознатите македонски кујунџии.
Деребан е роден во 1920 година во Струга од каде ја продолжува неколкувековната семејна кујунџиска традиција и го развива охридското филигранство.
Филигрански чирак бил уште од најрано детство. Тој беше шеста генерација филигрански мајстори на фамилијата Деребан.
Сребрената пеперутка позната по тв спотот „Купувајте македонски производи“ која се чува во националниот Музеј на Македонија ја има изработено неговиот татко Александар.
Тој е многу често застапуван во проспектите и други публикации за промоција на Охрид и Македонија. Добитник е на престижната Св. Климентова награда во Охрид во 2005 година, како и на Наградата за животно дело на првиот фестивал – Средновековен Охрид, во 2008 година.
Во Охрид е отворена и возобновена работилница на филигранот и Музеј на Вангел Деребан. Истиот се наоѓа на местото каде некогаш беше работилницата на мајсторот Вангел Деребан. Презентиран е филигрански алат, како и културното богатство сочувано од страна на семејството Деребан. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива