Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Свечено отворен Музејот на Вангел Деребан во Охрид

Охрид, 15. август 2021 (ОХРИДПРЕС) – Вчера во Охрид свечено беше отворена возобновената работилница на филигранот и Музеј на Вангел Деребан.

Истиот се наоѓа на местото каде некогаш беше работилницата на мајсторот Вангел Деребан. Презентиран е филигрански алат, како и културното богатство сочувано од страна на семејството Деребан.

Станува збор за проект поддржан од ЕУ со гранд преку Проектот за регионална и локална конкурентност, а предвидува нов објект, внатрешно уредување, со три простории од кои едната е резервирана за поставка во која е изложен накит и предмети изработени од филигрански мајстори, потоа историски преглед на филигранскиот занает низ времето, како и работилница за изучување, запознавање и презентација на вештините на филигранството.

Меѓу експонатите изложени во музејот има семеен накит, собиран уште од 18 и 19 век, изработен од македонски кувенџии. Има целосен накит и женски и машки, од украси за глава, накит за облека, верски и црковни предмети се до машки предмети од филигран како ќостеци, чибуци и слично. Дел од објектот е наменет за работилница каде тројца мајстори од Охрид ќе бидат ангажирани да изработуваат филигран, да подучуваат млади заинтересирани за занаетот, но и да презентираат пред заинтересираните и туристите како се изработуваат филигрански предмети.

Во рамки на свеченоста на отворањето на музејот со работилницата беше презентирано и реизданието на книгата „Македонскиот накит“ на Вангел Деребан.

Деребан е роден во 1920 година во Струга од каде ја продолжува неколкувековната семејна кујунџиска традиција и го развива охридското филигранство.

Филигрански чирак бил уште од најрано детство. Тој беше шеста генерација филигрански мајстори на фамилијата Деребан.

Сребрената пеперутка позната по тв спотот „Купувајте македонски производи“ која се чува во националниот Музеј на Македонија ја има изработено неговиот татко Александар.

Тој е многу често застапуван во проспектите и други публикации за промоција на Охрид и Македонија. Добитник е на престижната Св. Климентова награда во Охрид во 2005 година, како и на Наградата за животно дело на првиот фестивал- Средновековен Охрид, во 2008 година.

Почина на 93-годишна возраст, на 10-ти септември 2013 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука