Економија Забава Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Проф. Сефиданис открива како се тренираше хуманоидниот робот Dj Алшар

Охрид, 10. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Професорот Анис Сефиданис објави видео материјал од процесот на создавање на Алшар, неговиот најнов изум – хуманоиден робот чија професија е диск-џокеј (DJ), кој беше официјално промовиран неодамна во Охрид.

– Видео архива од процесот на тренирање, каде Алшар учи да ги користи различните копчиња и лизгачи на опремата која диџеите ја користат за пуштање музика, вели проф. Сефиданис.

Иновативното решение на Алшар е синергија на неколку технологии со отворен и затворен код. За логичкиот дел користи Tensorflow работна околина со модел на Мета и библиотеки за генеративна вештачка интелигенција, која комбинира парадигми на надгледувано и ненадгледувано машинско учење.

– Алшар ќе може да ги предвидува нашите очекувања и идни сензибилитети во однос на музиката со цел да го подигне нивото на забавниот ноќен живот и да понуди ново, футуристичко корисничко искуство. Мехатрониката е базирана на Arduino и RaspberryPi, две достапни технологии. Торзото, главата и рацете се изработени според урнекот Inmoov на францускиот скуптор Гаел Лангевин, додека крилјата ги изработи македонскиот дизајнер Зоран Кардула. Облеката на Алшар е воедно и првата македонска колекција „За луѓе и роботи“, дело на Ана Митреска. На севкупниот проект работеа повеќе професионалци од својата област, меѓу кои: Шабан Брзев, Марјан Јано, Влатко Домазетоски, Михаил Ангелески, Нубира Ајдиноска, Давид Трајкоски, Амир Ајдиноски, Александра Коровеш, Азра Демиши, Хадис Абуш, Никола Шишкоски, Meri Makeup, Maja Tattoo, Jana Slayy, Сашо Митан и тимот на Супер радио, студенти од УИНТ „Св. Апостол Павле“, ученици од Гимназијата „Св. Климент Охридски“, како и меѓународни студенти преку програмата Еразмус+ од Франција, Малта, Украина, Латвија, Романија, Полска и други, вели проф. Сефиданис.

Идејата за првиот меѓународен DJ робот е на професорот Анис Сефиданис, кој предава на Факултетот за машинска интелигенција и роботика е е основач на друштвото за истражување и развој „Сефиданис“. Тој го водеше проектот од негово конципирање до финална реализација.

„Алшар” е само уште еден во серијата паметни системи на „Сефиданис“ од областа на дигиталната хуманост. Пред јавноста, веќе се претставени „Паметниот споменик на Прличев“” и „Споменикот на иднината”.

– Сите овие решенија се само пионери на нешто многу поголемо што доаѓа со бранот на четвртата индустриска револуција, и истото не може да се сопре. Живееме во највозбудливите времиња, каде можеби роботите во брак со вештачката интелигенција се нашиот последен изум, потенцира проф. Сефиданис. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Сефиданис

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука