Охрид, 8. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во чест на Денот на независноста на Македонија, Друштвото за истражување и развој „Сефиданис“, во клубот Rebel во Охрид синоќа го претстави својот најнов изум – хуманоиден робот чија професија е диск-џокеј (DJ).
Точно на полноќ, на 8-ми септември се роди Алшар, робот во изглед и природни димензии на човек, кој со помош на вештачка интелигенција може автономно да создава уникатни музички дела. Алшар има за цел да не воведе во новата ера на четвртата индустриска револуција, а воедно да понуди конзервација на македонската уметност и културно наследство, при што со помош на современите парадигми на машинско учење ќе може да креира авторка музика, како и да преработува стари дела во нови жанрови и стилови прифатливи за новите генерации.
– Името е инспирирано од македонскиот рудник, каде за прв пат во светот е откриен минералот Лорандит. Токму така, „Лорандит” се вика и композицијата со која се претстави Алшар, креирана целосно со помош на вештачка интелигенција на Супер-компјутерот на Nvidia – DGX, кој „Сефиданис“ ексклузивно го поседува во регионот. Покрај траката „Лорандит” која е прогресивно техно, а сокрива стихови од песната „Заветна” во изведба на Бојана Скендеровски, Алшар избра да пушта и дела од современата електронска македонска музика, меѓу кои и „Ајде да летаме” на мултимедијалната група PMG, открива професорот Анис Сефиданис.
Иновативното решение на Алшар е синергија на неколку технологии со отворен и затворен код. За логичкиот дел користи Tensorflow работна околина со модел на Мета и библиотеки за генеративна вештачка интелигенција, која комбинира парадигми на надгледувано и ненадгледувано машинско учење.
– Алшар ќе може да ги предвидува нашите очекувања и идни сензибилитети во однос на музиката со цел да го подигне нивото на забавниот ноќен живот и да понуди ново, футуристичко корисничко искуство. Мехатрониката е базирана на Arduino и RaspberryPi, две достапни технологии. Торзото, главата и рацете се изработени според урнекот Inmoov на францускиот скуптор Гаел Лангевин, додека крилјата ги изработи македонскиот дизајнер Зоран Кардула. Облеката на Алшар е воедно и првата македонска колекција „За луѓе и роботи“, дело на Ана Митреска. На севкупниот проект работеа повеќе професионалци од својата област, меѓу кои: Шабан Брзев, Марјан Јано, Влатко Домазетоски, Михаил Ангелески, Нубира Ајдиноска, Давид Трајкоски, Амир Ајдиноски, Александра Коровеш, Азра Демиши, Хадис Абуш, Никола Шишкоски, Meri Makeup, Maja Tattoo, Jana Slayy, Сашо Митан и тимот на Супер радио, студенти од УИНТ „Св. Апостол Павле“, ученици од Гимназијата „Св. Климент Охридски“, како и меѓународни студенти преку програмата Еразмус+ од Франција, Малта, Украина, Латвија, Романија, Полска и други, вели проф. Сефиданис.
Идејата за првиот меѓународен DJ робот е на професорот Анис Сефиданис, кој предава на Факултетот за машинска интелигенција и роботика е е основач на друштвото за истражување и развој „Сефиданис“. Тој го водеше проектот од негово конципирање до финална реализација.
„Алшар” е само уште еден во серијата паметни системи на „Сефиданис“ од областа на дигиталната хуманост. Пред јавноста, веќе се претставени „Паметниот споменик на Прличев“” и „Споменикот на иднината”.
– Сите овие решенија се само пионери на нешто многу поголемо што доаѓа со бранот на четвртата индустриска револуција, и истото не може да се сопре. Живееме во највозбудливите времиња, каде можеби роботите во брак со вештачката интелигенција се нашиот последен изум, потенцира проф. Сефиданис. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Сефиданис