Охрид, 15. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува да расте „планината“ од запленети мрежи, кои рибокрадците ги поставиле во водите на Охридското Езеро, пред Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро (Езерската полиција) во каналот „Студенчишта“.
Ваквите слики пред езерската полиција се се’ почеста појава, во време кога е се’ позабележително девастирањетото на живиот свет, особено рибата, од кои најбарани се пастрмката, белвицата и крапот.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски при неодамнешната посета на Охрид порача дека сузбивањето на незаконскиот риболов како еколошки криминал ќе биде голем фокус во иднина, бидејќи истото е дел и од препораките од Европската Унија. Тој додаде дека со идната систематизација во рамките на МВР е предвидено и посебно одделение кое ќе работи во рамки на Одделот за организиран криминал. Само оваа година од страна на полициските службеници се одземени 450 мрежи со должина од над 27 километри, со кои што се врши незаконски риболов во водите на Охридското Езеро.
Од другата страна на езерото се врши порибување со помали количини, но она што се вади за потребите на рестораните во Албанија е несразмерно поголемо. Пастрмката таму се служи сосема легално и без никакви правни консеквенци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес