Охрид, 20. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Новиот модел на субвенционирање на авио летови преку субвенционирање на авиокомпаниите ќе има огромен ефект за зголемување на бројот на авиокомпании, но и на дестинации од македонските аеродроми, смета директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт.
– Колку што сум информиран има многу заинтересирани авиокомпании кои аплицирале на повикот, но во моментов не моќе да откријам точно кои. Веруваме дека ќе има огромен ефект за зголемување на бројот како на авиокомпании, така и на нови дестинации безз разлика дали тие нови дестинации ќе бидат од една иста компанија или од повеќе различни, изјави Курт.
ТАВ во моментов управува со 15 аеродроми во 8 држави, а аеродромот во Анталија е најголем и превезува 20 милиони патници годишно. Во моментов се врши реконструкција на аеродромот вредна 2,5 милијарди евра, пари обезбедени од 12 разни банки заради добриот кредитен рејтинг што го имаат.
Директорот на Аеродромот во Анталија, Дениз Варол порача дека сакаат како најголем аеродром на Медитеранот да го пренесат своето знаење на македонските аеродроми со цел да привлечат што повеќе туристи. Најави дека наскоро на Аеродромот во Анталија ќе бидат поставени информативни табли за Скопскиот и Охридскиот аеродром со цел да се привлечат патници и туристи. Од Анталија во моментов има четири чартер летови за Скопскиот аеродром неделно, а целта е тој број да се зголеми. Во последниве неколку години најголем број од туристите што ја посетуваат нашата земја се токму од Турција.
– Поради проблемите со визите Балканот е повторно актуелен за граѓаните од Турција. Анталија има три милиони жители, а со регионот достигнува до пет. Наскоро ќе поставиме панели за рекламирање на аеродромите во Скопје и во Охрид. Се трудиме преку маркетинг да ги привлечеме авиокомпаниите. Би ја промовирале Македонија како одлична дестинација, рече Варол. (Крај)
извор: МИА фото: архива