Охрид, 3. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во недела во Охрид започнуваат тридневните свечености во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“, со која се одбележува годишнината од смртта на Григор Прличев.
Активностите со кои се чествува ликот и делото на најпознатиот охридски поет и преродбеник започнаа денес напладне со промоцијата на поемата „Екот на вековите“ на авторот Мирко Томовски, за чие најново дело ќе зборуваат Тоде Илиевски и Зоран Јакимоски.
„Приличевите беседи“ продолжуваат в недела, 5-ти февруари, со ликовна изложба на македонски автори, што ќе претходи на главната свеченост од 13:00 часот во малата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“, на која ќе биде претставена наградената поема за 2016 година – „Македонски стар и нов завет“ на лауреатот Зоран Пејковски.
Традиционалната манифестација „Охридска визита“ ќе се одржи на 6-ти февруари, кога во рамки на „Прличевите беседи“ уште ќе биде одржан и книжевен портрет на Јовица Тасевски – Етернијан“, како и промоција на адаптираното издание на прличевата „Автобиографија“ на Славе Ѓорѓо Димоски.
В понеделник ќе се одржи и панихида на гробот на Прличев, ќе биде поставен ловоров венец пред неговиот споменик во центарот на Охрид, како и повеќе пригодни приредби на културно-образовните институции од Охрид што го носат неговото име.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ е востановена пред речиси шест децении, како одбележување на годишнината од смртта на големиот поет кој почина на 4-ти февруари пред 124 години. Прличев пред век и половина беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“.
„Прличевите беседи“ се одржуваат во организација на Центарот за култура и библиотеката во Охрид што го носат неговото име, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива