март 24, 2017

Охрид, 24. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Евгенија Анѓелкоска е четврта генерација потомок на охриѓанецот Никола Чудов, учител, книжевник и позната историска личност, заслужен за засадувањето на дрвото кочеџик, кое се наоѓа во дворот на црквата Богородица Перивлепта.

Вчера Супер радио и OhridPress Ви ја пренесоа сторијата на Марија Лебедик, а денес во вториот дел следува нешто повеќе околу иницијативата на потомците на Чудов, за обелоденувањето на вистината.

Анѓелкоска ја потврдува сторијата дека плочата од градот Охрид била поставена во 1986 година, по повод 1.100 годишнината од смртта на Свети Методиј, а не Свети Климент, како што се знае во јавноста.

nikolacudov1

Записи за животот и делото на Чудов

– Плочата, значи, била поставена по повод 1.100 годишнината од смртта на Свети Методиј и 100 годишнината од засадувањето на дрвото. Таа плоча стоеше таму, ние како семејство, потомци на Чудов, го имавме како спомен обележје, сè дури пред десетина години, кога плочата беше украдена, затоа што беше бакарна. Ниту една институција во Охрид тогаш не презеде ништо за истата таа плоча да биде вратена. Исто така и самото дрво коџачикот е заштитено со закон. Последно нешто што нè изреволтира и нè поттикна да го направиме овој чекор, беше објавувањето по медиумите дека тоа дрво било посадено од Григор Прличев, што е апсолутна невистина. Поради тоа, ние како потомци на Чудов, сакаме да преземеме сè што е во наша можност, дури и самоиницијативно, за да ја вратиме таа плоча назад. Сакаме да изразиме и благодарност до Лајонс клубот „Лихнидос“ и Општина Охрид, за нивната иницијатива и поставувањето на новата плоча, иако не станува збор за возобновување на старата (некогаш) постоечка. Би сакале друштвото и Општината да нѝ излезат во пресрет и да застанат на наша страна при што плочата би ја вратиле онаква каква што беше поставена во 1986 година, и со тоа да ја вратиме историјата на тој кочеџик, вели Анѓелкоска.

nikolacudov2

Сторија објавена во дневниот печат во 90-те години, каде се потврдува дека дрвото кочеџик е засадено во чест на Свети Методиј

Од семејството порачуваат дека и да нема разбирање од страна на локалната самоуправа, самите ќе преземат иницијатива, повторно на местото на старата плоча, да биде поставена нова, на која ќе ги има вистинитите податоци: за охриѓанецот Чудов, кој го засадил дрвото; и дека дрвото е засадено во чест на Свети Методиј, а не Свети Климент. Сакаат на новата плоча да биде испишан истиот текст, кој го оставил нивниот предок Чудов и да биде додадено дека плочата е возобновена.

Според кажувањата од нејзините блиски, Анѓелкоска знае некои податоци за нејзиниот пра-пра дедо. Чудов бил еден од револуционерите од охридскиот крај, а како учител, учителствувал во разни села во струшко, Дебрца и во Дебар. Напишал бројни песни, меѓу кои и песна посветена на Свети Методиј. За оваа песна не се знаело, сè додека не бил пронајден неговиот дневник, кој сега е во сопственост на Марија Лебедик, бабата на Евгенија. Во дневникот на Чудов ги има поголемиот број од песните кои тој го пишувал како книжевник, потоа има податоци за раѓањата на неговите деца, бележел интересни настани и случки од тогашниот живот во Охрид.
Многу нешта од животот на Чудов не се знаат во јавноста, а станува збор за интересни содржини.

– Чудов ја напишал и песната за Христо Узунов, која денес се пее како народна песна, но го има неговиот потпис. Се води полемика и има недоразбирања и околу тоа во чест на кого била поставена плочата. Местото на засадување на дрвото, многумина го поврзале со тоа дека било во склоп на црквата Богородица Перивлепта и затоа било во чест на Свети Климент. Но, местото е одбрано затоа што било веднаш над куќата во која живеел Чудов и како црковно место. Ова е целата вистина, дрвото е посадено од Никола Чудов во чест на Свети Методиј, дополнува Анѓелкоска.

cudov1

песната на Чудов посветена на дрвото

Што се однесува до чинот на засадувањето на дрвото Коџечик, Чудов го засадил на млади години, а како што потсетува Анѓелкоска, сакал преку тоа да остави некој свој белег за Охрид, местото каде што се неговите корени.

Анѓелкоска вели дека во последните години поради нејзините секојдневни обврски не го посетува често местото, каде нејзиниот пра – пра дедо го засадил дрвото, иако порано почесто одела таму. За неа е значајно затоа што знае од каде потекнуваат нејзините семејни корени. Се сеќава дека била малечка кога дознала од нејзините родители дека плочата поставена од нивниот предок, била украдена.

– Овој пат тоа ќе биде напишано на гранитна плоча, за повторно да се избегнат некои такви несакани работи, како што беше украдена во оној период кога имаше многу кражби за продажба на метал. Сакаме на денот на јубилејот, да се повтори тоа поставување на плочата, разјаснува Анѓелкоска.

cudov2

Потомците на Никола Чудов располагаат со богат пишан и објавен материјал кој кажува за животот и делото на овој охриѓанец, кому градот Охрид со право му должи многу. Чудов бил писател, еден од иницијаторите за формирањето на друштвото „Свети Климент“, кое било писателско друштво, а формирано во 1885 година. Тој предавал јазици, бил активен на полето на книжевноста. Во пишаните документи за раѓањето на Чудов, стојат две години, дека е роден или 1865, или 1866 година. Никола Исаија Чудов учел гимназија во родниот град, но немајќи средства да го продолжи образованието, работел како писар во Охридската митрополија. За време на Илинденското востание активно работел, но бидејќи во меѓувреме бил повреден, ја продолжил борбата преку перото и како индиректен учесник во ревилуционерните организации. Напишал многу песни, кои се обнародени меѓу народот, меѓу кои и песната за херојската смрт на Христо Узунов. Во негово време тој ја свирел оваа песна преку усна хармоника, ја пеела неговата ќерка Зорка, па така меѓу народот останала запаметена и мелодијата на песната. Меѓу неговите познати песни е и онаа за коџечикот кој самиот го посадил.
Остатокот од животот го живеел во Охрид со неговата жена и седумте деца. Починал на 11 јануари во 1907 година. По неговата смрт, едно од неговите деца го открило неговиот тефтер, односно дневник, во кој имало и песни. Неговиот најстар син, Исаија Никола Чудов, исто така бил писател. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Анѓелкоска

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука