Охрид, 5, јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во Основниот суд во Охрид утре започнува повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски.
Претходното рочиште се одржа на 5-ти мај, но истото беше одложено поради неможноста да се транспортира обвинетиот Бојан Угреновиќ во Охрид поради преангажираноста на службените лица и возилата со судењето на обвинитетите во процесот „Диво насеље“.
29-годишниот Угреновиќ од Краљево, на Новогодишната ноќ на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. Угреновиќ ќе одговара за убиство и покрај тоа што семејството и охриѓани преку мирен протест бараа промена на обвинителниот акт во Убиство на свиреп и подмолен начин. Според Јавниот обвинител, фатален бил ударот во долната усна, односно во средишниот дел од брадата на Димитар.
При првиот судски процес Угреновиќ беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола поради одредени забелешки при одредувањето на казната побара повторување на процесот. Семејството на починатиот Матилоски бараше максимална казна за Угреновиќ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес