Струга, 13. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ирма Гогова, Ивана Коскоска и Светлана Вељаноска, учесници на Талент шоуто OhridSUPERSTAR имаа забележителен настап на 14-тото издание на Арт Фестивалот Езерски Бисери 2017.
Тие за учеството на овој фестивал се изборија по забележителните настапи и добиените награди на Талент шоуто OhridSUPERSTAR. На Езерски бисери 2017 настапија во третата возрасна категоријата Естраден вокал. Ирма освои 88,20 бодови и титула „Лауреат од III степен“, Ивана освои 86,80 бодови и титула „Лауреат од III степен“, додека Светлана освои 73,80 бодови и титула „Дипломант од III степен“.
Меѓународниот арт фестивал-натпревар Езерски бисери е натпревар на пејачи, танчери, инструменталисти и уметници од целиот свет кои се натпреваруваат во своите дисциплини, а најдобриот ја понесува наградата од 1.000 евра. За наградата Гран при годинава се натпреваруваа млади таленти од Македонија, Русија, Малта, Франција, Полска, Белорусија, Србија, Бугарија, Словенија, Швајцарија, Молдавија, оценети од страна на стручно жири. Најдобрите македонски учесници добиваат шанса да настапат на повеќе реномирани светски фестивали, меѓу кои и „Славјански Базар“ во Белорусија.
17-годишната Ирма Гогова од Охрид е прогласена од страна на жири комисијата за најдобра на првото издание на Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR. Ирма Гогова учи во Гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид, каде заврши трета година на јазично-уметничкиот смер.
Претходно има учествувано на хуманитарни настапи, патронати, има неколку настапи на телевизија, оди и на хор во Гимназијата веќе 3 години и има настапувано во Белгија, Хрватска, Србија и други земји.
Ивана Коскоска е ученичка е во ОУ „Григор Прличев“. Има само 14 години, а за себе вели дека е голем другар и дека максимално ќе ја искористи шансата што и` ја даде Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR. Додава дека ќе работи на својот талент и дека ќе стане познато име на македонската музичка сцена, ако не и пошироко.
Светлана Вељаноска вели дека музиката во нејзиниот живот е хоби, а во иднина се надева дека ќе и` биде и професија. Во финалето на талент шоуто OHRID SUPERSTAR единствената стружанка влезе како избор на публиката. За себе вели деја е дружељубива и позитивна личност која сака да шири пријателства. Се занимава со музиката бидејќи едноставно се пронаоѓа во неа. Не слуша некој одреден жанр на музика, но вели дека најмногу ја исполнуваат песните на Тоше, Adele, Beyonce…
Првото издание на Талент шоуто OhridSUPERSTAR, во организација на Супер радио и охридските „Тамаро“ маркети се одржа во периодот од февруари до април оваа година. Ирма ја доби главната награда од 2.000 евра, како и учество на фестивалот „Езерски бисери“. Втората награда, односно наградата која ја додели публиката во салата замина во рацете на танцовата група „The Passengers“, кои се откажаа од наградата и истакнаа дека сакале само да се промовираат и да се подготват за нивниот голем настап кој следува во Барселона. Токму затоа, наградата замина во рацете на второпласираниот според гласовите на публиката, Билјана Буџакоска, која ќе добие песна и спот од членот на Жири комисијата Даниел Јовески. Третата награда, односно старт на радио проект на Супер радио замина во рацете на Стент Ап комичарот Илија Богданоски, а наградата за Тв проект на Регионалната О2 телевизија ја доби Ангела Маркоска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива