Охрид, 29. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Осумчлена експедиција на Здружението за планинарење, велосипедизам и еко култура „З’ш Авантура“ тргна да го освојува врвот Триглав во Словенија.
При неодамнешната посета на словенечкиот амбасадор во земјава, д-р Милан Јазбец, на Охрид, пришто заедно со претседателот на „З’ш Авантура“, Жанко Голабоски ја обиколија Галичица, тој ги покани Голабоски и членови на здружението на освојување на Триглав, поход кој ќе се одржува утре и задутре.
Планинскиот врв Триглав е највисок на Јулиските Алпи. Неговата височина изнесува 2.864 метри. Прв пат е искачен на 25 август 1778 година. Најголем интерес предизвикува неговата северна страна, карпа со 1.200 метри височина и 3.000 метри должина. Денес е дел и симбол на Триглавскиот национален парк. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива