Охрид, 11. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува колективниот срам за охриѓани, откако ловороносецот Григор Прличев го „овенчавме“ со подземен контејнер пред неговиот споменик во центарот на Охрид.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од купишта „надземно“ ѓубре пред подземниот контејнер. Тоа, надополнето со кучињата кои пребаруваат по него, претставува исклучително грда слика за посетителите и секако никаква почит кон ликот и делото на охридскиот великан.
Супер радио и OhridPress во повеќе наврати пишуваа за овој проблем, но одговорните очигледно немаат слух за истото.
Во септември минатата година беа поставени трите предвидени подземни контејнери за централното градско подрачје, како дел од иницијативата за реализацијата на проектот на Центарот за Развој на Југозападниот плански регион за поставување на подземни контејнери во неколку градови. Оваа одлука предизвика бурни реакции во охридската јавност, пред се` поради непочитувањето кон делото на Прличев, македонскиот поет и преродбеник, кој е роден во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес