Охрид, 14. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 15-ти октомври во општина Дебрца ќе се одржи референдум против изградба на депонија.
Имено, во месец јули, во Охрид се одржа јавна расправа за влијанието на животната средина на проектот за изграба на Интегриран систем за управување со цврст отпад во Југозападниот плански регион. Тогаш селото Годивје, во општина Дебрца, беше наведено како најсоодветна локација за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион.
По ова следеа лавина реакции на жителите и на екологистите, кои запрашаа како е можно најмал произведувач на отпад, а треба да биде затрупан со истиот!?
Општината до министерството за животна средина, како имплементатор на проектот за воспоставување на интегриран и финансиски одржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, доставила барање за отфрлање на Дебрца како локација за изградба и работење на регионална депонија и други постројки за управување на отпад. Поради тоа што не добиле одговор, следувала иницијативата за распишување на реферндум.
Согласно денешната одлука на советниците, на денот на одржување на локалните избори, жителите на Дебрца ќе се изјаснат и по однос на прашањето за отфрлање на предложеното решение за Дебрца како локација за изградба и работење на регионална депонија и други постројки за управување на отпад во Југозападниот плански регион. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива