септември 15, 2017

Охрид, 15. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ бележи пораст за 11, 6 отсто во бројката на превезени патници за периодот јануари – август оваа година, споредено со истиот период лани.

Од министерството за транспорт и врски соопштија дека во првите осум месеци од 2017 година од охридскиот аеродром се превезени 115.435 патници, за разлика од истиот период минатата година, кога беа евидентирани 113.431 патници.

Неодамна ресорниот министер Горан Сугаревски подвлече дека една од заложбите на македонската Влада за развој на воздушниот сообраќај во земјава е зголемување на капацитетите на охридскиот аеродром и негово промовирање во аеродром за нискобуџетни компании кои ќе нудат летови за бројни дестинации.

Покрај тоа, Сугаревски ја најави и можноста Полската авио компанија ЛОТ „Полиш ерлајнс“ да воспостави летови од аеродромот во Охрид. Туристичките работници од охридско – струшкиот регион во неколку наврати ја потенцираат потребата од повеќе авиолинии до Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука