Охрид, 19. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – И покрај тоа што бил уредно известен, Бојан Угреновиќ, обвинет за убиство на младиот охриѓанец Димитар Матилоски, не се појави во Основниот суд во Охрид, на денешното продолжение на главната расправа во повторениот судски процес.
Во судницата дојде само неговиот адвокат Донче Наков, што беше очекувано за овластените полномошници на оштетените.
Поради отсуство на обвинетиот, претседателката на советот, судијата Весна Кичеец продолжението на главната расправа го закажа за 26-ти септември, кога ќе се врши непосредно испитување на сведоците од обвинителството.
Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, па Угреновиќ, со одлука на судот беше пуштен на слобода, Кривичниот совет на Охридскиот Суд, вчера донел решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје.
Судијката Кичеец нареди обвинетиот да биде доведен на продолжението на главната расправа, а наредбата да ја спроведе СВР – Скопје.
Инаку, минатата недела, на социјалните мрежи се појави фотографија на Угреновиќ, направена на 7-ми септември во Скопје, на која објавил дека се чувствува „fabulous“, односно фантастично.
Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива