октомври 8, 2017

Охрид, 8. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Оваа состојба веќе станува се` поалармантна. Според официјалните податоци на УХМР во текот на вчерашниот ден, нивото на водата во Охридското Езеро веќе три дена е спуштено на 2 см над нултата кота од 693.17, односно е на 693,19 см, стои во предупредувањето до ЕЛЕМ и Владата на РМ од проф. д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Тој на својот профил на Facebook објави дека веќе подолго време езерото е блиску до критичната точка.

– Нултата точка нека не Ви е некаков изговор дека имате уште вода за користење и дека работите ос 1/3 од капацитетите. Езерото е многу поважно од Вашата годишна програма за производство. Ако паднете под нулта точка, веднаш тука е и минималната кота. И тогаш што ќе правиме? Веќе подолго време сте ремногу блиску до критичната точка, порача Талевски, кој додава дека податоците кои ги објавува се официјалните податоци од УХМР.

Талевски обелодени дека има разлика во мерењата на УХМР и оние на ЕЛЕМ.

– АД ЕЛЕМ објавува свои информации и за разлика од официјалните измерени податоци од страна на УХМР, нивните податоци се разликуваат за 3 cm. Зошто се јавува оваа разлика не е официјално потврдено со заеднички геодетски снимања? Дали УХМР како државна институција задолжена за следење на нивото на Охридско Езеро стои зад своите објавени резултати. Ако се ова точни резултати, а ЕЛЕМ вели дека и нивните се точни, се поставува прашањето на кои мерења човек да им верува, додава Талевски.

Веќе подолг период наназад охриѓани преку медиумите и социјалните мрежи реагираат дека е повторно видно намален водостојот на езерото. Еколозите и експертската јавност веќе подолго време предупредуваат дека Охридското Езеро се користи како акумулација со тоа што вештачки се регулира и таквиот пристап доведува до променливи состојби кои се опасност за живиот свет во езерото. Според стручните лица од Хидробиолошкиот завод ендемичните видови живеат во ареали и тоа токму во крајбрежните делови каде што се и најзабележливи промените во водостојот. Според нив, нормално е ваквите промени со нивото на водата да претставуваат опасност за живиот свет.

По реакциите на јавноста со став излегоа и од ЕЛЕМ од каде напоменаа дека производството на електрична енергија од акумулациите „Глобочица“ и „Шпилје“ не смее да влијае негативно врз водостојот на нивото на Охридското Езеро, а со тоа и врз езерскиот еко-систем. Драган Миновски директор на „ЕЛЕМ“ од Охрид порача дека „компанијата води сметка истотото да биде постојано во рамки на оптималното“.

– Годината беше сушна, дотоците се многу мали. Затекнавме загрижувачка состојба на сите акумулации во земјата. Ние ќе се потрудиме да ги задржиме нивоата на сите акумулации во некаква оптимална состојба, притоа обидувајќи се да искористиме максимум од потенцијалот, истакна Миновски кој додаде дека минатата седмица биле остварени средби со претставници на еколошките здруженија од Охрид и Струга, при што било договорено формирање работни групи што координирано ќе работат на подобрување на состојбите со нивото на Охридското Езеро.

Договорено било котата на нивото на езерото да биде секојдневно ажурирана и објавена на веб-страницата на „ЕЛЕМ“, во насока на транспарентност на компанијата што стопанисува со водите од езерото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука