Охрид, 19. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во големата сала на Општина Охрид денес се одржа работен состанок за разгледување на предлог-одлуката за утврдување на висината на надоместокот за поставување урбана опрема во општина Охрид за 2018 година.
По реакциите и незадоволството на охридските угостители, на предлог на градоначалникот оваа точка беше повлечена од дневниот ред на последната седница на градскиот совет и вратена на повторно разгледување. Реакциите на еснафот се однесуваа на новите тарифи за поставување урбана опрема и начинот на нивно спроведување. Според нив надоместокот бил номинално покачен, а не била наведена висината и начинот на пресметување на комуналната такса, издаток кој законски гледано се пресметува на дневна основа. За угостителите дополнителна компликација во одлучувањето за колкав период да го земат под закуп просторот пред објектот е и фактот што не е извесен исходот на нивниот предлог за измена на Законот за пушење, кој во моментов е во собраниска процедура.
На денешната средба на градоначалникот Д-р Јован Стојаноски и дел од неговите соработници со угостителскиот еснаф, беа усогласени повеќе делови од одлуките за плаќање на комунална такса и надоместок за поставување на урбана опрема. Разговорите ќе продолжат во среда, на 21-ви овој месец, по што предложените одлуки ќе се најдат на дневен ред на наредната седница на Советот на општина Охрид.
На средбата биле усогласени ставовите дека е добро што е предвидено зонирање за поставување на урбана опрема, плаќањето да се врши месечно според склучен годишен договор и во зависност колку време ќе биде користена опремата, а за висината на надоместокот, кој заеднички треба да биде утврдена на следната средба, во предвид да се земе користењето во летниот и зимскиот период од годината. (Крај)
извор: ОхридПрес/Општина Охрид фото: Општина Охрид