август 6, 2019

Охрид, 6. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со одлука на Управниот одбор, ЈП „Охридски комуналец“ ги раскинува договорите со фирмата „Нефи ИК“, во сопственост на советникот од редовите на ДУИ Нефи Усеини.

Во текот на денешниот ден ќе биде доставен допис со известување за вчерашната наша одлука. Фирмата има право на жалба по што ќе одлучува судот во соодветна постапка, вели за Супер радио и OhridPress директорот Љупчо Грданоски. Меѓу трите договори кои ќе се поништуваат е и оној за одржување на депонијата кај „Буково“, што може да биде проблем.

– Еден договор е за набавка на градежни материјали, другиот за одржување на депонијата „Буково“ и третиот кој не е почнат со реализација се однесува за користење на возило со кран дигалка за сечење на опасни дрва. За одржување на депонијата ќе биде распишан нов тендер. Подобро е да се прошири планот за јавни набавки бидејќи го раскинуваме активниот тендер ама може да настане проблем со системот на бирото за јавни набавки, рече Грданоски.

До распишувањето на новата тендерска постапка, Грданоски вели дека со нивна механизација ќе биде одржувана и расчистувана депонијата, која веќе еден месец гори и испушта големи количини чад во воздухот.

Антикорупциска кон средината на минатиот месец излезе со став дека има судир на интереси на објавениот тендер за рушење на дивоградбите во Охрид, на кој меѓу пријавените беше и фирмата „Нефи ИК“. Во укажувањето од комисијата стоеше дека фирма што е во сопственост на членот на Советот на општина Охрид, Нефи Усеини или е во сопственост на негови блиски лица, не може да воспостави деловни односи со општина Охрид.

На ова од општината излегоа со став дека ќе постапат по мислењето на Антикорупциска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука