Охрид, 10. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – До овој момент нема ништо ново, општинската инспекција не ги посети објектите, а имаме сознанија дека за 8-9 платформи се пристигнати решенија за уривање.
Ова денес за Супер радио и OhridPress го потврди претседателот на охридскиот угостителски еснаф, Михаил Мишев.
Изјавата доаѓа по неодамнешната најава на првиот човек на Охрид, градоначалникот д-р Константин Георгиевски, кој во прилично тврда изјава, беше дециден дека е изминат периодот на преговори, договарања и молења со сопствениците на дивоградбите, најавувајќи дека активностите за нивно уривање се бројат со денови.
– Почетокот на акцијата за отстранување на бесправно изградените објекти се брои со денови. Апелирам до сите кои добиле решенија за остранување на објекти, независно дали се работи за платформи, тераси, бетонски бази и друг вид нелегално изградени објекти, не ден побрзо туку час поскоро да почнат сами да ги острануваат. Уривање во Охрид ќе има многу скоро, рече Георгиески.
По однос писмото од дел од угостителите упатено до надлежните институции во кое тие ретерираа од претходно најавените активности дека сами ќе ги отстранат платформите пред нивните објекти во езерото, градоначалникот им порача да ги чекаат инспекторите со налог за инспекциски надзор и за целокупните објекти заедно со терасите, а не само на платформите.
Георгиески беше дециден дека решението ќе следи откако крајбрежјето на езерото ќе се врати во првобитна состојба, што и стои во договорите на закупците.
Ова прашање е исклучително важно за голем дел од граѓаните, затоа што станува збор за објекти кои се на првата крајезерска линија и кои долги години се стопанисувани. Супер радио и OhridPress неофицијално дознаваат дека први на удар ќе се токму плажите, за кои акцијата се подготвувала уште на почетокот на август, но поради непречено одвивање на туристичката сезона, акцијата била поместена за средината на септември. Тука секако главен збор има Министерството за транспорт и врски, а акцијата во интервју за Макфакс пред околу две недели ја најави и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Тој објасни дека Охрид врши сериозни подготовки на акцијата за уривање.
– Освен тоа што прогласи мораториум за градење Охрид веќе избра фирма која што ќе урива, предвиде средства за уривањето во висина од 1,5 милион денари и прави динамичен план за уривањето. Приоритет ќе имаат дивоградбите во заштитеното јадро и во националниот парк „Галичица“, рече министерот Сугарески.
Тој напомена дека државата ќе ја помогне акцијата со дополнителни средства за уривањето, а според министерот нови средства ќе предвиди и локалната самоуправа во буџетот за следната година оти како што нагласи, не може да се очекува сите дивоградби, чија официјална бројка ќе ја објават многу скоро, да бидат урнати до февруари, кога истекува рокот даден од УНЕСКО за задржување на заштитатата на Охрид.
Во меѓувреме е изготовен и инвентарот на бесправно изградени објекти по пописот предмети за кои било побарана легализација, а претходно е изработен и регистарот на нелегално изградени објекти. Во тек е изработка на динамички план на сите објекти што се во активна зона на управување на Националниот парк „Галичица“, како и во крајбрежјето односно заштитениот појас, како и процес на евалуација на документацијата на тие објекти.
– Сите сопственици на такви објекти во периодот што следува уште еднаш писмено ќе бидат известени дека нивниот објект ќе биде отстранет. Им останува некој рок од уште десеттина дена да почнат тоа да го прават сами. Периодот на преговарање, договарање, молење заврши. Сите што имаат илегални објекти да почнат сами ден поскоро да ги отстрануваат затоа што кога ќе почнеме ние со акцијата, после отстранувањето на сопственикот ќе му биде доставен трошковник што предвидува покривање на трошоците не само за уривање, туку и за полициска асистенција и други работи, беше категоричен неодамна градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес