Скопје/Охрид, 10. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Нема отстапки во однос на одлуката да не се примаат невакцинирани деца во градинките и училиштата, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
– Оваа мерка даде одлични резултати. Во Скопје се вакцинирани 99 отсто од децата, а низ земјата над 95 отсто. Бројот на новозаболени е драстично намален. Минатата недела имаше пет новозаболени, од кои четири од Скопје и еден случај од Куманово и сите невакцинирани, рече Филипче.
Неделава ќе заседава Комисијата за заразни болести и не е исклучена можноста да има нови препораки.Министерот најави дека ќе бидат засилени и контролите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и ќе има казни за тие што не ја почитуваат одлуката.
Според податоците од директорите, во охридските основни училишта на почетокот на новата учебна година нема незапишани првачиња поради непримена МРП вакцина, а увид и проверка на документацијата направиле и инспекциски служби.
Единствено во ОУ „Христо Узунов“ имлоа два случаи да се запишани дечиња со непримена МРП вакцина заради здравствени проблеми, за што родителите доставиле и медицинска белешка.
Во учебната 2019/2020 година во Охрид се запишани вкупно 483 првачиња. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива