Скопје, 9. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Италијанскиот весник La Verità утрово објави нова снимка, којашто е поврзана со случајот „Рекет“, откако вчерашната предизвика вистински политички земјотрес во земјава.
Новинарот Ларис Гајсер уште од вчера најави дека ќе објави серија снимки поврзани со корупцијата во Македонија, а утрово на својот профил на Facebook напиша дека го објавува вториот дел од неговата „статија за проширувањето на корупцијата во Македонија.“
– Од 2015 година следам и известувам како еден куп неспособни национални политичари (од десницата и левицата!) заедно со соучесниците од некои непријателски странски сили бесрамно си играат секој ден со судбината на македонскиот народ. Слепилото на политичките елити, измешано со меѓународни притисоци ја доведе Македонија до корупција и до тоа да стане опасен пример за општо прифатена ограничена сувереност. Сите мои изминати написи ги докажуваат моите напори да ја спречам Македонија да биде понижена, да ја предупредам ЕУ на нејзиното однесување и да ја спасам Меѓународната заедница од креирање неприфатливи преседани. Преседаните на Балканот ретко носат придобивки за Меѓународната заедница. Јас не сум богат, немам огромни финансиски средства за спроведување на експериментални револуции. Како и моите пријатели во La Verità, јас мразам глупост и манипулации. Ние веруваме во човечката интелигенција и слобода кои секогаш го наоѓаат патот да излезат на површина и да преовладуваат. Дури и по долги периоди на понижувања. Се надевам дека денес, со моите извештаи ќе ги охрабрам добрите, сè уште независни, слободни, судии – оние кои вистинските веруваат во важноста на Владеењето на законот – да истражат напред и да ја направат Македонија одличен пример за стабилна земја. Избегнувајќи да бидам вклучен во внатрешно-политички борби, би сакал да дадам само мал придонес во потрагата по вистината, со цел да му помогнам на македонскиот народ да најде нова сила на патот кон функционална држава. Во рамките на тековните и многу сложени геополитички промени, ние Европејците и’ должиме на Македонија стабилност, безбедност и единствена историска мудрост. Наместо да биде вештачки изолирана, Македонија ќе стане што е можно поскоро членка на нашата, иако несовршена, Европската унија која ќе нè прави посилни и побогати, напиша Гајсер на Facebook.
На втората аудио-видео снимка, може да се слушне разговорот меѓу Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев, но се слуша и гласот на специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева.
– Не се секирај за ништо се ќе биде ок, му вели Јанева на бизнисменот Орце Камчев во еден дел од снимката. (Крај)
извор: La Verità фото/видео: La Verità