јули 13, 2024

Охрид, 13. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со засилено темпо продолжуваат градежните работи кои се одвиваат на дел од патниот правец кој ќе води од градот Елбасан во соседна Албанија до Граничниот премин „Ќафасан“ со Република Македонија.

Екипа на OhridPress деновиве направи кратка фото-видео репортажа од состојбата во која се наоѓа овој патен правец. Истиот е дел од Европскиот Коридор VIII и на него се одвиваат градежни работи за тампонирање и асфалтирање на делницата.

Премиерот на Албанија Еди Рама на неговиот профил на Facebook, кон крајот на февруари годинава објави видео од градежните работи кои се одвиваат на овој дел од патниот правец.

Работата на овој потег започна пред нешто повеќе од една година. Станува збор за потег од околу 6 километри, а целиот зафат до границата со Република Македонија треба да заврши за околу две години.

Со ова уште повеќе ќе се подобри патната инфраструктура од албанска страна кон Република Македонија. OhridPress неодамна објави кратка репортажа за патниот правец од другата страна, кој води до влезот во Македонија и граничниот премин кај Св. Наум.

Од албанска страна е изграден современ пат и пешачко/велосипедски патеки, кој пред Тушемиште се разгранува на два дела и едниот води покрај езерото кон Поградец и натаму, а другиот на кој се работи е нов крак кој треба да го олесни патувањето и преку заобиколен пат да се избегнат сообраќајните гужви во Поградец. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука