декември 16, 2017

Охрид, 16. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Социјалните мрежи денес се преплавени од вознемирувачки фотографии на затруени кучиња, забележани на неколку локации во градот.

Најмногу случаи се регистрирани во центарот и стариот дел на градот, но не е исклучена можноста да има и во останатите делови. Граѓаните се шокирани од овие немили настани и како и повеќе пати до сега бараат институционално решавање на проблемот.

Новата локална власт меѓу првите мерки со кои излезе пред јавноста беше токму решавањето на овој проблем. Тоа беше иницирано од глутниците кучиња кои во тој период беа редовен „декор“ на охридските улици, за што пишувавме во повеќе наврати, а предизвика и бура од реакции во јавноста. По се` погласните реакции на граѓаните, Супер радио и OhridPress тогаш излегоа со јавен апел со новата локална самоуправа, проблемот со кучињата скитници да го стави високо на листата прашања кои мора да се решат во периодот кој е пред нас.

turistikucinja2

– Општина Охрид презема почетен план за решавање на долгорочниот проблем со кучињата скитници на доброволна основа, во соработка со Здружението на граѓани „Анималија“. Во исто време ќе се продолжи со проектот за стерилизација, нега и згрижување, а ќе се бара и трајно решение за определување локација за стационар, истакна тогаш градоначалникот Јован Стојаноски.

Тој одржа состанок на кој присуствуваа претставници на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, „Охридски комуналец“, „Анималија“ и полицијата.

– Во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион ќе аплицираме со проекти за набавка на опрема и обука на кадри од ЈП „Охридски комуналец“ за справување со овој проблем. Проблемот не е краткорочен и може да трае дури и во целиот мандат. Па, затоа мора со заеднички сили на сите граѓани на Охрид, а во наредниот период заедно и со граѓаните од Дебрца, Струга и Ресен заеднички да го решаваме овој проблем со кучињата бездомници, потенцираше Стојаноски.

kucinja1

Охридскиот дресер на кучиња Ефто Стојаноски деновиве излезе со предлог програма за „Заштита на луѓето од кучешки напади“. Денес напладне во големата општинска сала Стојаноски тој ја презентираше својата програма со која многу подобро ќе се заштитат и малите деца и бебиња, а истовремено ќе се заштитат и домашните животни и другите кучиња.

– Колку подобра заштита на луѓето од кучешки напади толку подобра заштита и на самите кучиња од масовни труења и убивања, потенцира Стојаноски, кој својата програма ќе ја предложи до Владата на Република Македонија.

Охриѓани се едногласни – проблемот мора да се реши, но на хуман и цивилизиран начин. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ФБ Anastazija Dimzovska

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука