јуни 7, 2021

Охрид, 7. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Не треба сега да се преземаат акции за рушење на атрактивни плажи, тајмингот е погрешен е ставот на охридскиот угостителски еснаф.

Затоа и побаравме итна седница на советот и одлагање на рушењето до крајот на туристичката сезона, вели претседателот на Здружението „Охридски еснаф“, Михаил Мишев.

– Вакви акции не треба сега да се реализираат, погрешен е тајмингот. На нашето барање единствено ни одговори Советот, дека немаат ингеренции да решаваат по тоа, ние бевме малку затекнати. Можеше барем да се организира средба на која ќе се продискутира околу овие актуелни прашања. Најголем фокус на нашето барање беше дека вакви акции не требаше баш сега да се одржуваат. Без разлика, ние не сакавме да задираме во законитоста на работењето на објектите и нивната градба, туку сметаме дека е погрешен тајмингот кога се случуваат таквите дејствија, потенцира Мишев.

Нема достапен опис

Со ова се согласува и првиот човек на Независната угостителска комора, чија членка е охридското здружение.

– Не ни се допаѓа дека пред сезона се руши. Пред било што да се руши, треба да се има соодветна стратегија како понатаму ќе се користи тоа место. Ако ја нема, тоа ќе значи избрзано и краткорочно решление и ќе направи штети, подвлече Здравко Јосифоски.

Од утрово охридските плажи Куба Либре, Кадмо, Бела Виста, Канео и Потпеш се без напојување со електрична енергија. Овие плажи немаат договори за концеси, а се опфатени со ГУП-от. Оние што не се опфатени се веќе срушени. На десетина дена до истекот на рокот, деновиве беше урната плажата Atlantic во Елешец, а денеска се урива и плажата Корали.

Градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески неодамна обелодени дека поранешни концесионери на плажи на брегот на Охридското Езеро во период кога немале активни договори за концесија остварувале милиони денари приход.

Георгиески најави дека во текот на наредниот период ќе се пристапи и кон отстранување на платформите и објектите на плажите во градската зона од каналот „Студенчишта“ кон „Горица 1“ и плажите во делот на населбата „Канео“, кои се опфатени во Генералниот урбанистички план. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука