Охрид, 22. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Откако беше забележан на два пати минатата година, во октомври и ноември, заштитниот знак на планината Галичица, Балканскиот рис повторно е регистриран од камерите во Националниот парк „Галичица“.
– Ретко се случува да се отслика карактерот на едно животно со фотозамка поставена за научни цели. Сепак, оваа камера успеа да направи скоро совршена слика на млада единка балкански рис, која шета низ прекрасните шуми на националниот парк „Галичица“, информираат од Balkan lynx.
Од 2010 година па наваму, Македонското еколошко друштво (МЕД) има заловено и ставено околувратник на вкупно осум единки рис, со кои се стекнати вредни податоци за однесувањето на ова таинствено животно, кои ни даваат податоци за нивно правилно зачувување. На Балканот се проценува дека има уште 40-на возрасни единки на Балкански рис, кој според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) е животно со критично загрозен статус. Меѓу главните причини за неговото исчезнување е криволовот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Balkan lynx