Скопје, 12. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Народниот правобранител Иџет Мемети упатува апел до Владата, посебно до Министерството за животна средина и просторно планирање во најкус можен рок да ги интензивираат работите со управување со отпадот, посебно изградбата на регионалните депонии, и со тоа да се спречи понатамошната опасност од загадување на животната средина.
– Последните случувања со опожарувањето на сметот во регионалната депонија Русино крај Гостивар, како и во депонијата Буково крај Охрид укажуваат на тоа колку е значајно решавањето на ова прашање, особено што последиците – загадувањето на воздухот, водата и почвата ќе имаат далекосежни последици не само во тие региони, туку и во целата држава. Еко системот во никој случај на смее да се гледа како изолиран, туку напротив тој е интегриран, па оттука загадувањето ќе влијае врз сите, се вели во соопштението на омбудсманот Иџет Мемети.
Тој со жалење констатира дека и по три години од неговото истражување за состојбата со депонирањето на отпадот во земјава, констатациите остануваат исти, а ситуацијата на теренот непроменета.
– Локалните депонии, кои во најголемиот дел не исполнуваат ниту еден еколошки стандард, и натаму работат, нема осовременување ниту на двете регионални депонии Дрисла и Русино, а не е отпочната изградбата на ниту една од шесте современи регионални депонии, потенцира Мемети.
Според народниот правобранител, посебно загрижува фактот што на еколошката карта на Европа, Република Македонија го зазема високото прво место по загаденост.
– Владата, која ги презеде ингеренциите од локалната власт во оваа сфера, веќе нема простор за одолговлекување со решавање на ова прашање, затоа што живеењето во здрава животна средина е едно од основните загарантирани уставни права и тоа право на граѓаните никој не смее да им го загрозува, истакнува народниот правобранител.
Супер радио и OhridPress постојано го апострофираат овој проблем, кој во Охрид е поврзан и со исполнувањето на препораките на УНЕСКО. Проблемот стана дополнително комплексен, откако неодамна ЈП „Охридски комуналец“ ги раскина договорите со компанијата „Нефи ИК“ на советникот Нефи Усеини, од кои една се однесување токму на депонијата Буково. (Крај)
извор: ОхридПрес/Слободен печат фото: ОхридПрес/Слободен печат