Охрид, 9. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридските пожарникари на нивниот официјален профил на Facebook објавија фотографии од гасењето на пожарот на Галичица.
На истите се гледа комплетната големина на уништувањето, но и напорите кои се прават од сите инволвирани за комплетно санирање на пожарот.
Според последните, официјални информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК) од синоќа, во регионот на Општина Охрид, и понатаму е активен пожарот на Илинска планина каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и букова шума, како и оној на Галичица каде гори нискостеблеста вегетација.
Активен е пожарот на потегот кај селото Брежани, Општина Охрид, па од таа страна дејствуваат и 20 припадници на Национални шуми. Зафатена е, пред се, ниска вегетација, нискостеблеста шума, а на некои места гори и борова шума, информираше денеска директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
– Карактеристично за овој пожар е тоа што во повеќе наврати користевме воздухоплови, во неколку наврати „Ер трактори“, исто така користевме хеликоптери, но се крева силна чад која што ја намалува видливоста, го отежнува маневрирањето на воздухопловите. Затоа апелирам до општинските власти да дадат се’ од себе да ги зголемат активностите на овој потег и да го стават под контрола овој пожар на отворено, којшто беснее со денови, апелираше вчера Стојанов.
извор: ОхридПрес фото: ТППЕ Охрид