Охрид, 31. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – На 15 дена од крајниот рок, кој беше зададен за комплетно отстранување на поставената опрема на охридските плажи, голем дел од нив се доведени сосема блиску до првобитната состојба.
Екипа на Супер радио и OhridPress попладнево направи обиколка на неколку локации и може да се забележи дека плажите на кои започна постапката за отстранување на диво поставените објекти, се блиску до комплетно отстранување на истите. Веќе ги нема платформите во езерото, како и масивните бетонски платформи, кои беа и најголемиот зафат и за чие отстранување се користеше и соодветна тешка градежна механизација.
Комплетно се урнати и објектите кај плажа „Немо“ во „Горица 3“, со што полека се комплетира процесот кој започна во јуни минатата година.
Слична судбина деновиве имаат и плажите на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани, каде неодамна започнаа активности за отстранување на бесправните објекти. Таму се веќе отстранети сите бетонски елементи и платформи и плажата наликува на старите слики од Охрид од минатите години.
Уривањето на нелегалните објекти во Охридскиот регион тече недозволиво бавно, а мораториумот за градба беше полн со исклучоци и исто како да не беше донесен, се вели во извештајот на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО, која го посети подрачјето во јануари минатата година. Заклучокот на катастрофалниот извештај на Мисијата е дека Охридскиот регион ги исполнува условите за запишување на Листата на светско наследство во опасност.
Градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески неодамна изјави дека мора да се работи на превенција на бесправната градба. Проблемот не е во законот за легализација, туку што ние не работиме на превенција.
– Во општината има 16.000 предмети за легализација, дел како резултат на незапишани права во минатото и добар дел класични дивоградби. Законот за легализација донесен во 2011 година, за што имам кажано дека е катастрофален, бидејќи и сега имаме две опции или рушење или легализиација. Проблемот е во тоа што не работиме на превенција, потенцира Георгиески.
Додава дека со новиот овој закон е предвидено целокупниот регион што е заштитен под УНЕСКО, не само Охрид, тука спаѓаат и Струга и Дебрца, да се изземени.
– Има еден момент што е поразличен за граѓаните кои живеат на ова подрачје. Дали има или не дискриминација ќе треба други органи во државата да одлучат. Ние како оштина први, според препораките на УНЕСКО моравме да изработиме инвентар на дивоградби, сега тоа се налага како потреба и за другите општини. Се шпекулираше со бројка од околу 20.000 дивоградби, но тоа не е така. Имаме околу 16.000 предмети за легализација, но добар дел од тие се како резултат на незапишани права во минатото. Точно е дека имаме и добар дел на објети кои се класични дивоградби. И сега да донесеме закон за легализација, што после носењето на тој закон да не ни се појават пак дивоградби. Мора да се работи на превенцијата на бесправната градба, рече Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес