Охрид, 26. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат активностите и финалните градежни работи на Трговскиот центар „Охрид Мол“.
Според информацијата која ја добивме од компанијата Фортон Инвест во април годинава, градежните работи биле пред крај, и дека ги координираат датумите за отварање.
– Во моментов ги координираме датумите за отварање, пред се’ водејќи се од закупците, посебно од модните брендови кои имаат сезонски колекции. Градежните работи ги финализиравме и се пред крај. За поточни информации ќе ја информираме јавноста дополнително, во текот на следниот месец, потенцираа тогаш од Фортон Инвест за Супер радио и OhridPress.
Додадоа дека во однос на тоа кои брендови ќе бидат застапени во објектот, не можат да ги објават јавно нивните имиња поради доверливост на информации.
Иако е дамнешно барање и желба на охриѓани, се’ уште во градот нема Трговски центар кој би работел во полна сила и со сериозни брендови. Граѓаните ја имаат желбата, а сопствениците на капиталот се соочени со реалноста дека градот има се’ помалку жители и дека инвестицијата многу тешко и долго се враќа со активна работа од 2-3 месеци во годината и се’ поизразен проблем со работна сила. Големите брендови тешко се одлучуваат да закупат простор во помали средини, а бројките на секојдневно иселување на жители, овој проблем го прават уште поголем.
Охриѓани затоа викендите ги користат за прошетки во Албанија, каде најчесто се посетува центарот TEG – Tirana East Gate, Грција со неизбежната Ikea, но и центрите Mediterranean Cosmos и One Salonica Outlet Mall, како и нашиот главен град Скопје, каде најчеста „мета“ на купувачите се City Mall и East Gate Mall.
Како што претходно веќе објавивме, во меѓувреме „Охрид Мол“ полека го добива финалниот изглед, по што Охрид и регионот се очекува конечно да добијат современ шопинг центар.
Периодов се средуваше надворешниот дел, каде е асфалтиран делот за паркинг. Како дел од активностите за средување на улицата „7-ми Ноември“ од охридската локална самоуправа, уредени се и пешачката и велосипедската патека, како и зелената зона по улицата.
Погледнете како изгледаше објектот денес, четврток, 26-ти септември 2024 година.
Погледнете како треба да изгледа објектот во финална фаза:
Лоциран на одлична позиција и на доста фреквентна локација во непосредна близина на автобуската станица, „Охрид Мол“ ќе располага со површина од 17.000 м2. Засега имињата на потенцијалните закупци не се откриваат, но според наши информации охриѓани и сите посетители на градот за прв пат ќе имаат можност да уживаат во единствено шопинг искуство – и тоа не само за време на летната сезона во која градот има огромна посетеност, туку и преку целата година, со обезбедени услови за комфорно и пријатно искуство. Во рамките на трговскиот центар ќе има хипермаркет, игротека за деца, како и бројни продавници за облека. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива