мај 18, 2021

Охрид, 18. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денес продолжи уривањето на објектите кај плажа „Немо“ во „Горица 3“, со што полека се комплетира процесот кој започна во јуни минатата година.

Со градежна механизација, денес се отстрануваше еден од објектите на самиот влез во оваа плажа, по што со камиони се отстранува и градежниот шут.

Слична судбина деновиве имаат и плажите на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани, каде неодамна започнаа активности за отстранување на бесправните објекти.

Градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески денес изјави дека мора да се работи на превенција на бесправната градба. Проблемот не е во законот за легализација, туку што ние не работиме на превенција, изјави тој за Тв 24.

– Во општината има 16.000 предмети за легализација, дел како резултат на незапишани права во минатото и добар дел класични дивоградби. Законот за легализација донесен во 2011 година, за што имам кажано дека е катастрофален, бидејќи и сега имаме две опции или рушење или легализиација. Проблемот е во тоа што не работиме на превенција, потенцира Георгиески.

Додава дека со новиот овој закон е предвидено целокупниот регион што е заштитен под УНЕСКО, не само Охрид, тука спаѓаат и Струга и Дебрца, да се изземени.

– Има еден момент што е поразличен за граѓаните кои живеат на ова подрачје. Дали има или не дискриминација ќе треба други органи во државата да одлучат. Ние како оштина први, според препораките на УНЕСКО моравме да изработиме инвентар на дивоградби, сега тоа се налага како потреба и за другите општини. Се шпекулираше со бројка од околу 20.000 дивоградби, но тоа не е така. Имаме околу 16.000 предмети за легализација, но добар дел од тие се како резултат на незапишани права во минатото. Точно е дека имаме и добар дел на објети кои се класични дивоградби. И сега да донесеме закон за легализација, што после носењето на тој закон да не ни се појават пак дивоградби. Мора да се работи на превенцијата на бесправната градба, рече Георгиески.

Акција за отстрануваер на бесправните објекти од „Метропол“ до Пештани – десет дена подоцна (Фото/Видео)

Според него општините мора навреме да носат урбанистички планови како еден вид превенција, како и работа и постапување на сите институции од инспекторати до обвинителства.

Георгиески потенцира дека во полн ек се активностите за отстранување на бесправно изградените објекти и урбана опрема на плажите на Охридското Езеро. Со владина одлука ЈП „Македонија пат“ ќе отстапи дел од својата механизација, па уредување на плажите се очекува да заврши до средината на јуни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука