Охрид, 15. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – По стартот во предворјето на црквата „Св. Софија“, кое беше претесно за сите љубители на театарската игра и двојната програма од втората вечер, синоќа охриѓани повторно дојдоа да „вдишат театар“ во рамките на настапот на театарската група од Црвен крст Суботица, која ја изведе претставата „Ланчана реакција“, како дел од деветтото издание на Меѓународниот Аматерски театарски фестивал „Вдиши Театар“.
На оригинален и храбар начин, преку форум театар, младите актери од Суботица ја изведоа претставата во која активно беше вклучена и публиката, но и волонтерите-актери од театарските групи на Црвен крст Крагуевац и Црвен крст Охрид, со свои видувања за продолжување и текот на соодветни сцени.
Со тоа беа спуштени завесите на деветтото издание на Младинскиот аматерски театарски фестивал „Вдиши театар“ што во организација на Црвен крст Охрид, се одржа во Охрид од 12-ти до 16-ти јуни 2024 година.
– И оваа година фестивалот ги исполни очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според интересот, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор. Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја иаскористија да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатија преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во овие четири дена, со право „Вдиши театар“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее, порачуваат организаторите.
Изразуваат искрена благодарност до учесниците на фестивалот, до публиката, до волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, до медиумите, до општина Охрид и до сите институции, фирми и поединци кои го овозможија, поддржаа и помогнаа одржувањето на театарскиот фестивал „Вдиши театар“ 2024. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива