декември 27, 2019

Охрид, 27. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – По традиција, најголемиот туристички центар во земјава, Охрид, ќе биде полн за новогодишните празници.

Хотелиерите и угостителите веќе ги прават завршните подготовки за успешен дочек на гостите кои најлудата ноќ одлучија да ја дочекаат на охридското крајбрежје.

Голем дел од хотелите се веќе целосно букирани, а најбројни ќе бидат гостите од соседството, пред сé од Србија и Бугарија.

– Нашиот хотел е целосно исполнет за Нова година. Гостите се од Србија и Бугарија. Имаат тридневни аранжмани на база на полупансион, а цената беше 159 евра по лице, велат од хотелот „Милениум Палас“.

– Оваа година, веќе и традиционално, нашите капацитети се комплетно исполнети. Најголем дел од гостите се од соседна Бугарија, Црна Гора, Македонија. Цената на аранжманите по особа се движеше од 160 за дводневни и 185 евра за тридневни аранжмани. За најлудата ноќ очекуваме повеќе од 350 гости. Забавата за нашите гости оваа година ќе ја приреди групата „Зарина”, а истата ќе биде надополнета од Dj Jeddy. Покрај забавата која е загарантирана, хотел Силекс ќе приреди и незаборавен дочек на отворениот базен, како и многу други изненадувања, вели Наум Коруноски, менаџер на продажба во хотелот „Силекс“.

– Исполнетоста е задоволителна, досега гостите кои резервираа кај нас се од Бугарија, имаат тридневен аранжман на база полупансион, велат од хотел „Гранит“.

Организирана дочек на 2020 година ќе има и на градскиот плоштад, а за забавата се задолжени Ѓоко Танески, групата Камелеон и Ефто Пупиноски. Под мотото „Охрид Ве очекува“ охридската локална самоуправа подготви богата музичка програма. Во Охрид ќе настапат Петар Грашо, Марко Луис, Четкар и Миле Кузманоски.

Ако новогодишните и Божикните празници се репер за новата туристичка сезона 2020-та, не очекува уште една успешна сезона пред нас. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука