Охрид, 18. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – По период од повеќе од три недели, кога градот успешно се бранеше од пандемијата, Охрид деновиве се врати на мапата на градови каде се регистрирани лица заболени од коронавирус COVID-19.
Според официјалните податоци на Министерството за здравство, во Охрид веќе втор ден по ред имаме новозаболени лица. Во текот на изминатите 24 часа направени се 286 тестирања, од кои се регистрирани 2 новозаболени лица во Охрид, додека вчера имавме едно лице заболено од коронавирус COVID-19.
Како ќе се движат овие бројки во текот на наредните денови останува да видиме, особено по најавата за почеток со работа на угостителските објекти во државата кон крајот на оваа недела, која ја објави во интервју за Тв Сител министерот за здравство д-р Венко Филипче.
– По донесените протоколи кои ги изработи тимот експерти и епидемиолози ќе може постепено да се вратат во функција угостителските објекти некаде на крајот на следната недела. Но, на почетокот на неделата, сакаме јасно да им укажеме кои ќе се принципите и протоколите кои ќе мора да се почитуваат, за кога ќе почнат со работа секој да знае на кој начин да може да се врати во нормално функционирање, додаде министерот Филипче. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива