ЕКОЛОГИЈА Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS: Ќе одговара ли некој за палењето на трската на брегот на Охридското Езеро?

Струга, 28. април 2021 (ОХРИДПРЕС) – Дали сега треба да чекаме пет месеци, како во примерот со депонирање земја и шут кај Далјан за да се најде и казни сторителот, или и ова ќе помине како и сè друго во државата – секое чудо за три дена, прашуваат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS по палењето поголема површина трска на езерското крајбрежје во близина на Калишта.

Уништувањето на природното наследство никако да престане, а попусти се апелите и реакциите ако институциите молчат или некого толерираат со децении, додаваат од Охрид SOS.

– Свесни сте дека делот на струшкото крајбрежје е оставен на милост и немилост. Дали се трупа градежен шут и земја за да се прошири брегот, дали се пали трска, се депонира градежен отпад, се гради на самиот брег, се узурпира. Повеќе од доволно докази ви се предочени, претставки, пријави, велат од Охрид SOS.

Можно е да е слика од планина и природа

Веднаш по третото палење на трски годинава, Државниот инспекторат за животна средина и инспектори од Одделението за внатрешни работи од Струга извршија надзор на опожареното земјиште на потегот од плажите „Версус“, „Аквариус“ и ресторанот „Аполонија“, во насока кон селото Калишта, при што утврдија дека опожарени се трски и вегетација во појас ограничен со пешачката патека и брегот на Охридското Езеро, со должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри.

Првиот човек на Струга, Рамиз Мерко тврди дека нема да дозволат да се гради на ова место, а дали ќе биде така останува да покаже времето. (Крај)

извор: Охрид SOS/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука