Охрид, 25. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков и секретарот на општината Александар Китески ќе добијат кривични пријави, поради основано сомневање за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
– Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”, СВР Охрид до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против 37-годишните К.П. и А.К., двајцата од Охрид. Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на Корона вирус и, наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник „Богојавление- Водици“ одржана во Охрид, стои во официјалното соопштение на МВР.
Охридскиот градоначалник тврди дека се тестирал заради патување во странство, а немал симптоми. Два дена по првиот тест, Пецаков повторно се тестирал и бил негативен на коронавирус.
Пецаков е во изолација до 28-ми јануари, откако направените тестови покажале еден позитивен резултат, вечерта на 19-ти јануари, и еден негативен, два дена покасно, на 21-ви јануари 2022 година. Додека да го добил резултатот од PCR тестот, тој сепак бил на обележувањето на празникот Богојавление- Водици, каде беше во контакт со повеќе лица. Како што изјави, тој немал симптоми и тестот го направил за да може да патува во Банско, Бугарија.
За Државниот санитарен и здравствен инспекторат е спорен овој момент, и се повикуваат на владината Уредба од 22-ти април 2020 година, каде стои дека секој што се тестирал се задолжува со самоизолација додека се чека резултатот од тестирањето.
– Самоизолацијата преминува во домашна изолација, регулирана со решение од ДСЗИ, во оној момент кога лицето добива позитивен тест. Како гледате на тој момент, што на тој настан, присуствуваа илјадници граѓани? Тој дури имаше и средба со доста граѓани, функционери, амбасадори? Не можам да го коментирам. Тоа е неговото однесување. Јас само можам да ја образложам уредбата на Влада, изјави директорката на ДСЗИ за Алсат М.
Целиот случај и начинот на кој се води и пренесува во медиумите, Пецаков го нарече провладина хајка, надополнета со многу политика. Тој во детали го објаснува целиот случај и најави кривична пријава за клевети и несовесно работење и изнесување на заштитени (здравествени) податоци во јавност за „политичкиот менаџмент во ДСЗИ“. (Крај)
извор: МТВ/ОхридПрес фото: архива