Струга/Охрид, 21. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Општина Струга го откажа свеченото одбележување на Денот на Охридското Езеро, настан кој 23 години во континуитет се одржува наизменично во Охрид, Струга и Поградец.
Од кабинетот на градоначалникот Рамис Мерко за порталот сдк.мк истакнале дека чествувањето на денот на Охридското Езеро е откажано, бидејќи тој имал неодложни обврски, а дополнително ќе се произнеселе за одлуката на САД со која тој се најде на црната листа како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција. Обвинувањата се дека Мерко, како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.
Судскиот совет ќе ги проверува наводите на Стејт департментот за што ќе биде формирана посебна комисија, која ќе врши контрола во судот.
Трите езерски општини Охрид, Струга и Поградец во 2000 година потпишаа декларација за заштита на Езерото и на 21-ви јуни со различни активности, најизменично секоја година го одбележуваат Денот на Охридското Езеро. Ова е првпат да не се одржи манифестацијата која има цел да ја подигне свеста за потребата од заштита на Охридското Езеро. (Крај)
извор: сдк.мк/Сузана Вренцовска фото: ОхирдПрес