Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Претставата „Бара“ во среда повторно пред охриѓани

Охрид, 17. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во среда, на 20-ти септември 2023 година, со почеток во 20:00 часот, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, по вторпат ќе биде изведена претставата „Бара“ во изведба на актерската група при Црвен Крст Охрид.

Претставата „Бара“, во сценарио и режија Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, театарската група на Црвен крст Охрид премиерно ја изведе на отворањето на годинешниот Аматерски младински театарски фестивал „Вдиши Театар“, а на 11-ти септември годинава имаше можност да ја погледне и бројната публика во Културниот центар во Требиње, Босна и Херцеговина. Играат С. Петкоска, А. Мојсоска, А. Карали, Ѓ. Целески, К. Крежеска, Л. Доленц и С. Јаковлева.

Младите охридски актери на креативен начин ги прикажаа животните судбини и предизвици на жртвите на еден систем со нарушени вредности, борбата на човекот со различни искушенија и неправди поминувајќи по тежок пат исполнет со очај и рамнодушност, лутајќи во лавиринтот на безнадежноста во потрага за подобро утре и подобри ние, што за жал е секојдневие на повеќето луѓе. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука