Охрид, 17. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Езеро со два стопани, поделено меѓу две држави, секоја со свои правила, закони, планови, интересни заедници и поединци…
Многу активности од двете страни на езерото, во текот на изминатите 30 години одеа во насока на целосно девастирање на езерото, почнувајќи од забрзаната урбанизација во заштитениот крајезерски појас, преку уништување на трската, истребувањето на автохтониот рибен фонд, загадувања предизвикани со отпадни води…
Додека Охрид чади (од „Буково“), преку езерото Поградец се гради и тоа со се’ посилно темпо.
Од една страна на езерото е Охридскиот Регион, како универзална и светска вредност, за кој долги години наназад се прават напори да остане на листата на светско наследство на УНЕСКО, што беше официјализирано на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Тука ги имаме веќе добро познатите проблеми со бесправно градење, непочитување на правилата и насоките, внесување на политиката и личните интереси во сите пори на животот, узурпација на јавен простор, приграбување на некогашните заеднички добра, несоодветните туристички практики, депониите, несоодветниот третман на отпадните води, прекумерниот риболов и сечењето на трската, несоодветно користење на крајбрежјето и заканите од инвазивни видови, намалувањето на мочуриштата и водните површини, несоодветните земјоделски практики кои носат загадување и еутрофикација, односно стареење на езерото, пренасочувањето на реаката Сатеска во 1960 година што имаше огромно негативно влијание, бидејќи донесе огромни количини на фосфор, но и на азот директно во езерото… Ова, но и многу други фактори за жал не доведоа до ова „дереџе“ на кое што сме сега.
Ништо ново и од другата страна на езерото. Директно градење во езерото пропратено со „фалби“ од највисоките органи на социјалните мрежи, илјадници тони рударски отпад, кои сè уште се наоѓаат на работ на езерото или се расфрлани во ридовите околу него, изловување и продавање на пастрмката (и се’ останато што мрда) во езерото, најави за трки со Формула 1 глисери…
Поминаа полни три години и од најавенените ЕКО бродови за кои се одобрени 1,5 милиони евра преку ИПА програмата за прекугранична соработка. Средствата ќе пропаднат доколку не се реализира овој проект, во рамките на кој е предвидена набавка на два еко бродa на електрична енергија, кои ќе служат за крстарење и водено поврзување на трите езерски градови.
Во земјите од околината се чини дека одамна е изградена висока свест за тоа како треба да се заштитат природните реткости, особено реките и езерата, како и сиот животински и растителен свет во нив.
Хрватска со децении ги има заштитено Плитвички Езера така што туристичките посети по езерата се вршат со чамци придвижени со електричен погон, кои се исклучително тивки, не ја брануваат премногу водата и, што е најважно, не испуштаат никакви загадувања во езерските води. Сличен е односот и во Црна Гора, каде што секакво пловење по реката Тара е со еколошки пловила, а туристите што најмногу доаѓаат да го подигнат адреналинот спуштајќи се низ брзаците на оваа река, добиваат стриктни инструкции како за безбедносните, така и за еколошките правила, со цел да се заштитат реката и живиот свет во неа. Словенија веќе од поодамна е пример за одговорен однос кон она што ѝ го дала природата, па во заштитените водни подрачја во најголем дел сообраќаат пловни објекти на електричен погон, напојувани од соларни панели инсталирани на бротчињата. Ваква практика за еколошки пловни објекти се применува и во други европски земји, а Европската Унија веќе работи и на рокови до кога некои водни басени ќе бидат целосно заштитени од влијанието на нееколошките пловни објекти.
Ако на ова се додадат и најавите за ново Јавно претпријатие кое ќе управува со Охридското Езеро, тогаш се’ појасен станува нашиот однос кон една од најголемите препознатливости на оваа држава. Во Македонија формирање на Јавно претпријатие годиниве наназад се покажа само како одличен начин за нови и нови партиски вработувања.
Тука е секако и Струга, општината која има растеглив однос кон правото и екологијата, а особено кон почитувањето на одлуките на институциите во поглед на стопанисувањето со крајбрежниот појас на езерото. Годиниве наназад сме сведоци на комплетно уништување и палење на крајбрежието на езерото, шанкови и плажи кои не престанаа да работат и покрај сите препораки на институциите, градење на самиот езероски брег, игнорантски однос кон правото и системот…
Времето поминува, останува фактот дека за жал, губиме неповратно се’ повеќе од природните вредности на целиот регион. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес