Охрид/Струга, 8. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Дали градоначалникот на Струга Рамиз Мерко ги прошета членовите на експертскиот тим по крајбрежјето каде се уништува трската и се тампонира брегот, прашуваат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS.
– Општина Струга пред неколку дена на Facebook објава сподели дека „најодговорно и најпрофесионално ги извршувала, ги извршува и ќе ги извршува сите обврски спрема задолженијата кои произлегуваат од мониторинг мисијата на УНЕСКО и од заклучоците од Самитот на УНЕСКО“. На терен, работите се малку поинакви, според она што ни го споделија жители на Струга. После Радожда, на две локации помеѓу Струга и Калишта се уништува појасот трска и се тампонира на самиот брег. Не ни е познато дали градоначалникот или некој од локалната самоуправа ги прошетаа членовите на мешовитиот експертски тим за изработка на Студијата за оправданост за урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро да видат што навистина му се случува на крајбрежјето и колку е моменталната ситуација на линија на препораките и укажувањата на UNESCO, потенцираат од Охрид SOS.
Додаваат дека Facebook страницата на општината ја исклучила опцијата за означување, што само ја покажува транспарентноста во работата.
– Истото го сториле и од Државен инспекторат за животна средина. Доставена е претставка за да се изврши вонреден инспекциски надзор на локациите, реагираат од Охрид SOS.
Деновиве се разви жестока преписка помеѓу Општина Струга и Општина Охрид, односно градоначалниците Рамиз Мерко и д-р Кирил Пецаков, откако од Општина Струга објавувајќи детали за работниот состанок со мешовитиот експертски тим за изработка на Студијата за оправданост за урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро, излезе со сериозни обвинувања до медиумите и до колегите во соседната Општина Охрид и порака дека „сите инсинуации, шпекулации и напади за Струга и за Општина Струга се невистинити, а тие доаѓаат од медиумите и од Општина Охрид.“
– За жал, мора да истакнеме дека најголемиот дел од проблемите и потешкотиите кои настанаа и се’ уште постојат во Охридскиот регион произлегува од Општина Охрид и нејзините раководители, кои постојано, под патерицата на од нив платени медиуми, организации и лобисти, ја напаѓаат нашата општина за секаков аспект во секое време и место, без никакви аргументи. Општина Струга, најодговорно и најпрофесионално ги извршувала, ги извршува и ќе ги извршува сите обврски спрема задолженијата кои произлегуваат од мониторинг мисијата на УНЕСКО и од заклучоците од Самитот на УНЕСКО. Ова го потврдува и еден од членовите на мешовитиот експретски тим, кој меѓу другото, образложи дека Општина Струга, спрема УНЕСКО, ја одржува на највисоко ниво заштитата на животната средина, во делот од Струга, но и тоа дека сите инсинуации, шпекулации и напади се невистинити за Струга и за Општина Струга, а тие доаѓаат токму од медиумите и од Општина Охрид, потенцираат од струшката локална самоуправа во информацијата објавена на официјалната страна на Facebook на Општина Струга.
Иако немам навика да реплицирам на секоја изнесена лага во јавност, во овој случај чувствувам потреба тоа да го направам, да одговорам на лагите изнесени од Општина Струга, иако сум уверен дека тоа нив ништо не им значи бидејќи нивното функционирање е засновано на „купи ден помини“, реагираше Градоначалникот на Општина Охрид, д-р Кирил Пецаков.
– Да се осудат да коментираат за неодговорно работење оние чие раководство е впишано на меѓународните црни листи за разно-разни злоупотреби во најмала рака е трагикомично. Најодговорно тврдам, дека нити ова раководство, а нити било кое претходно до далечното минато, се дрзнало да не се грижел за зачувување на статусот на УНЕСКО. Како прво, што се однесува до случувањата во Охридскиот регион, а се поврзани со УНЕСКО, треба секој еден практикант на функција да знае дека тука се надлежни повеќе институции централни и локални и дека ниедна од овие институции неможе самостојно да ги пишува заклучоците во извештаите кои го носи УНЕСКО. А за да увидиш во извештајот кои се забелешките треба да го прочиташ, а не да чекаш некој да ти го прераскаже. Понатака, Општина Охрид и јас како нејзин градоначалник, со сите надлежни институции домашни и меѓународни имаме одлична комуникација на поле УНЕСКО. Тоа се потврдило и го потврдиле многубројните посети и работни состаноци. Иако, Општина Охрид која територијално е најопфатена со УНЕСКО, своите задолженија ги извршува редовно и навремено и во ниеден момент не бара кривец во други општини, бидејќи нема потреба да бараш кривец кога си ја работиш работата согласно Закон, реагира Пецаков.
Од Општина Струга вратија дека дека ваквите изјави само ја потврдувале вистината што тие ја искажале по средбата со мешаниот тим експерти од ОН, УНЕСКО, УНДП и УНЕП и Република Македонија во Струга.
– Впрочем, зборовите на градоначалникот на Охрид се целосно идентични со оние на претходниот амбасадор на Австрија, кој на средба со градоначалникот Мерко ги цитираше истите зборови дека тие (Општина Охрид) си ја вршат својата должност, додека Струга ги кочи процесите. Ако не се осмелиле да не го одбранат статусот на УНЕСКО, значи дека Општина Струга се „одважила“. Дали градоначалникот на општина Струга е „приправник“ кој треба да знае дека за ова се надлежни повеќе институции од централно и локално ниво? Дека не знаеме да читаме извештаи и забелешки?! Изгледаме неписмени?! Да, точно е дека Вие, градоначалник на Охрид, имате одлична комуникација со УНЕСКО и слични локални и меѓународни институции и организации. Да, но исто така е точно дека на сите тие средби се изразувате на најнегативен, навредлив, подмолен и најневистинит начин. Да, сето ова е спротивно на „не ти наоѓаме мана ако ја работиш работата според законот“, стои во реакцијата на Општина Струга. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охрид SOS