Охрид, 31. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пред 730 дена во охридскиот изборен ринг влегоа двајцата доктори, Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и Константин Георгиески од СДСМ. Првиот победи со 16.980, а вториот загуби со 13.161 гласови. За да бидеме сосема коректни, во првиот круг вистински зачин, да не речеме „Вегета“, беше и Гоце Цветковски од ТМРО кој освои 1.376 гласови.
Од прогласувањето на победата, на денешен ден, 31-ви октомври 2021 година и преземањето на функцијата на 8-ми ноември 2021 година Пецаков најави многу новини во работењето. И неговите најголеми противници му „признаваат“ на личната отвореност, непосредност, имањето на време за секого… Тоа, ако се изземе краткиот период на власт на починатиот градоначалник, проф. д-р Јован Стојаноски, претходно не сме го имале како случај, или барем не во овој габарит. За само неколку дена по формирањето на мнозинството во Советот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“, заедно со Левица и „Охрид пред сè“, назначувањето на претседателот и секретарот како најблиски соработници, првата официјална средба Пецаков ја имаше со Кејт Мари Брнз, тогашната амбасадорка на САД во Република Македонија.
По само две недели од стартот на мандатот, тој ја најави изградбата на булеварот „Македонски просветители“, по проект кој се подготвуваше подолг период наназад, а нему му се „падна“ да го реализира. Охриѓани, една од најголемите забелешки ја имаат токму за овој проект, чија нефункционалност се покажа и со неколкуте поголеми измени кои се прават во од, како менувањето на постојката за таксистите, правецот на движење, нефункционалното движење на автомобилите, посебно на делот од улицата „Димитар Влахов“. Секако тука е и претесниот дел наменет за движење на автомобилите, проблемите со паркирање на камионите за чистење и доставување на роба во големите маркети, лоцирани во строгиот центар на градот, руглото со контејнерите, подземни и надземни со сите течности и мириси по тротоарот, во чија чест и Прличев своевремено го дислоциравме и многу други вакви и слични одлуки. Тие некогаш се и нужни, но предизвикуваат нервоза и револт кај граѓаните, особено во летниот период кога е огромна бројката на автомобили и пешаци во овој дел на градот.
Катните гаражи, без оглед на тоа кој и колку ја кочи постапката, остануваат само ветување и еден од најскапите зборови во Охрид. Граѓаните и понатаму се заложници на меѓусебните партиски пресметки.
Изминативе две години се асфалтирани бројни помали улици, а се работи и на улицата „7-ми Ноември“ како поголем зафат во овој дел. На итните и непредвидени ситуации се реагира генерално навремено и соодветно, што особено беше изразено за време на големото невреме кое го погоди Охрид. Еден од најголемите проблеми кој останува се секако и илјадниците дивоградби на територија на Охридскиот регион. На сите страни се гради, урива, доградува, надградува… Иако голем дел од овие активности се „покриени“ со соодветна документација и изгласани, сепак мора да се направат сериозни напори да се стави некој ред во оваа исклучително важна област и тоа не поради УНЕСКО, туку пред се’ поради нас самите.
Анализата на првите две години од мандатот покажува дека спортот и сите активности поврзани со истиот се блиски до срцето на поранешниот ракометар и се сериозно поддржани. Апсолутно за поздравување е и земањето во градски раце на одржувањето на Охридскиот пливачки маратон со што ќе се задржи една прекрасна традиција. Започнаа да се востановуваат и нови забавни и спортско-забавни манифестации, поддржани од локалната самоуправа кои внесуваат одредена свежина во животот на градот, но често истите се копија едни од други со слични содржини и ликови, некои стари и успешни проекти се препакувани со ново име. Проблем во овој дел секако е бројноста на настаните, нивното често преклопување, а скоро редовно и прегласната музика до раните утрински часови… Во Охрид летово фестивал или концерт не организираше само едно лице, ама само поради тоа што се брзаше за на автобус. Пецаков знае како може да го среди овој сегмент и тој тоа дури и го најави некаде на крајот на летото, па да видиме што ќе излезе и од оваа најава.
Новата градска власт сепак донесе одредена свежина во работењето, но тоа е само обврска повеќе за нив, за да не ги изневерат очекувањата на граѓаните. Едно време можеш да го водиш народот, после тоа, народот те турка пред себе… PR-от и комуницирањето со јавноста се едно, а резултатите од работата се нешто сосема друго и се најважни, затоа што никој не се сеќава на слободните удари, туку само на головите…
Првиот меѓу еднаквите, докторот кој во моментов е на функција градоначалник Кирил Пецаков, до овој момент успева да ја пренесе личната енергија на своите соработници и заеднички ја спроведуваат „војничката“ поставеност на нивната матична партија врз одговорните и службите. Неговата „Ахилова пета“, како и на сите пред него се партиските вработувања и соработниците, но тие се негов избор и ќе си ги сноси сите пофалби, но и последиците кои доаѓаат со нив, доколку избраниците со тек на време се претворат во „мандатлии“. Тој има обврска кон граѓаните, но треба да ја чува и сопствената меморија, затоа што кога ќе помине невремето, луѓето често забораваат на дрвото под кое се сокриле кога било најтешко… Првиот треба да гледа многу пред времето за стратешки да се развива градот, со јасни насоки барем за 20-30 години нанапред, затоа што никој не уживал во сенката на дрвото кое сам го посадил, па нема ни тој да го направи тоа. Функцијата сама по себе си носи бенифиции и сладок живот. Разликата е само во тоа како и по што ќе се памети некој градоначалник по 50 години, ако воопшто дел од нив и се за паметење.
Локалната PR служба редовно и ревносно ја информира јавноста за сите средби кои ги има, посети и активности, асфалтирања, канализации и се’ останато. Тие комуницираат и со медиумите, кои долги години наназад се приказна сама за себе во нашиот Охрид. Забелешките на господинот од американската црна листа кој најубаво на цел свет знае да ја рецитира „Т’га за југ“ на сметка на охридската медиумска заедница се скоро и оправдани, затоа што веќе долги години охридската медиумска заедница е за единица. Малку е смешно што вакви обвинувања доаѓаат од горенаведениот господин, но тоа е тоа. Другари, да бидеме искрени, како за држава која толку долго дозволува употреба на пластични ќеси без рачка, а не дозволува истите да имаат рачка, добро и до овде што дојдовме…
Опозицијата „борбата“ против политичките конкуренти од локалната власт ја води претежно на социјалните мрежи и со повремено испраќање на тематски соопштенија до медиумите. Периодов наназад пропуштија бројни пенали и можности да шутираат на празен гол, и како да стануваат омилен противник за локалната власт. Ако вака продолжат, уште долго нема да имаат противотров за „отровот“ наречен „Пецаков“. Ако научија зошто победија во 2017 и 2019, ќе знаат зошто загубија во 2021… Чудни и тешки времиња се ова, ако не се внимава и возот и станицата може да се згрешат…
Ќе бидеме ли „туристи“ во сопствениот град?
Охрид периодов наназад се соочува со бројни проблеми, од кои дел се наследени, дел се прифатија како наследени, а дел секако се и новосоздадени. Проблемот со образованието и иселувањето на младите е огромен и бара повеќе одржливи решенија за да се анимираат, образуваат, соодветно да се подготват и потоа да се наградуваат овие млади души кои треба и мора да гледаат иднина во градот. Не се решава проблемот на немањето работна сила со ангажирање на 14 и 15 годишни деца во текот на летото. Она што се прави со дуалното образование и активностите во Касарна Хаб секако се меѓу начините како се прави тоа. Повеќе пракса, повеќе реални и позитивни примери на луѓе и компании кои успеале, соодветни работни услови и наградувања и работите полека ќе се придвижат.
Не смееме никако да ги затвориме очите и пред проблемот со дрогата во Охрид и поширокиот регион. Обичен поглед на полицискиот Билтен јасно покажува дека проблемот ескалира од ден во ден и се поставува прашањето – Охрид ли е, Лазарат ли е местото каде живееме?! Дали ова лето го живеевме шпицот или шприцот на сезоната?! Казина имаме на секој чекор, дел и во непосредна близина на училиштата.
Цените во Охрид се приказна за себе и остануваат исти за сите сезони. Ќе бидеме ли и понатаму „туристи“ во сопствениот град? Поскапувањата на електричната енергија, горивата и скоро сите производи донесоа нови и значително повисоки цени, кои за жал не ги следеше и соодветно зголемување на платите. Просечна лежалка секое лето заработува повеќе од 80% од охриѓани. Туристички Охрид ова лето понуди повисоки цени, кои во зависност од дејноста се движеа во просек од 20 до 30%, но дел од услугите и производите се нудеа и продаваа и по значително повисоки цени.
Мора да се најде трајно решение и за популарните плажи, затоа што со вакви „надмудрувања“ и кој ќе извади од ракав поголема финта со централната власт губат и луѓето кои ги стопанисуваат плажите, но и граѓаните и гостите. Не се плаче само со едно око, мора да се реши она што од едноставна економија и туризам прерасна во проблем и политика. Плажи треба да има, тоа е јасно, како што е јасно и дека треба да се уредени и атрактивни. Да се постават (и почитуваат) јасни правила, со сериозни обврски кон заедницата и државата, зачувувањето и одржувањето на животната средина, да се плаќаат соодветни суми за закуп, па потоа кој може и сака нека повели и нека стопанисува.
Охрид, Охрид убав мил…
Охрид наш и сите ние со него, ја оставаме зад себе една од најдолгите сезони. Не посака времето, се понудија неколку нови содржини, кои заедно со старите направија да има раздвиженост во градот, сето тоа да делува весело, шарено и организирано. Традиционалните охридски „мрчатори“ ќе се муртат дека не било ништо посебно, дел ќе се кријат зад поскапувањата, дел ги кријат прометите (особено оние кои направија најмногу пари и најмногу добија од државата), дел се од другата политичка група од оваа која владее во моментов, дел си се само охриѓани со сите свои табиети и специфики…
Дали имавме успешна сезона?
Да, и тоа една од најдобрите, а тоа секако ќе го покажат и бројките кога ќе се сумираат.
Дали можеше повеќе и подобро?
Секако дека може и секако дека треба, но за тоа треба да искорениме некои наши навики, да собереме сила да се промениме на подобро, да ги искорениме некои наши навики, пријателства, братства, кланови, тајкунско-бизнис-криминални кружоци…
Дали се тие промени болни и тешки?
Секако дека се, секогаш биле и секогаш ќе бидат. Рак не се лечи со аспирин…
За секој добар охриѓанец, светот е поделен на два дела – Охрид и остатокот од светот.
Некои тоа го викаат избори…
Пред избори сме кои можат да имаат (и ќе имаат) сериозно влијание и врз локалните состојби во градот. Иако навидум многу далеку едни од други, случувањата кои започнаа во Куманово можат да имаат влијание врз распоредот на политичките сили во периодов кој е пред нас. Под површината веќе подолг период наназад се прават сериозни анализи и поместувања во распоредот на политичките сили, сето тоа тивко поддржано или охрабрено од искусни и сериозни политичари. Неофицијално, можно е да има и независни листи, што ситуацијата ќе ја направи уште поинтересна, особено во делот на Советот. Неопределените, гласовите на стабилното тело на охридските Египќани, Турците, но и оние кои на минатите избори ги поддржаа независните членови како Антонио Наумоски од „Охрид има План Б“ и македонскиот дел од гласовите на ДУИ (доколку некој конечно открие како да им пристапи), ќе бидат исклучително вредни на следните избори. Аквариумот од каде новите (и старите) субјекти ќе црпат гласови секако се неопределените и незадоволните членови на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои и сега се со минимална разлика од само два советници. Дали ова ќе направи дополнителен хаос во функционирањето на Советот и носењето на одлуките, или ова дисперзирање на гласовите ќе биде плодна почва за пазарења и шурувања со локалните моќници и интересни групи останува да покаже времето.
До локалните избори не делат нешто повеќе од две години. Веќе имаме и најава за кандидатура за независен градоначалник од страна на адвокатот Александар Новаковски, а последните прегрупирања во партиите, новите субјекти, а особено двата изборни циклуси кои не очекуваат следната година ќе фрлат ново светло врз односот на силите на терен. Анкетите кои ни ги сервираат последниов период се повеќе список на желби отколку реален однос на силите на теренот, па затоа вистинскиот лакмус ќе бидат токму изборите следната година. Следува интересен политички период пред нас, кој ќе трае повеќе од две години. Сите карти се отворени, сите можности се во игра. Охрид, како и секогаш е еден од најскапоцените камења во македонската круна и „битките“ за него се секогаш едни од најсилните и најинтересните.
Секои четири години големите чичковци кои од сенка ја играат главната игра ни доставуваат список со други чичковци од кои потоа ние полнолетниве, искапени, избричени и со најновото оделце некоја недела гласаме и бираме еден или повеќе…
Некои тоа го викаат избори…
Сашо Митан
31.10.2023 година