ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Стаматовски: Без вас нема да има театар, без вас ќе не нема ни нас, наша драга публико

Охрид, 27. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Без вас нема да има театар, без вас ќе не нема ни нас, наша драга публико, стои во пораката на познатиот охридски глумец Стрезо Стаматовски по повод денешниот Ден на театарот.

– Овојпат ќе зборувам за вас. Без вас нема да има театар. Нема кој да не гледа, емпатира, раскажува на другите за нас, соживува со нас… Вие сте нашиот +1 во овој универзум на дуалност. Без вас ќе ја нема тишината во преполната сала во паузата после кулминативниот монолог. Нема да го има плачот низ стиснати заби за да не се наруши драматичниот момент. Нема да има солзи од смеа и вцрвенети раце од аплаузи на „отворена сцена“. Нема ни ненадејни извици на изненадување, негодување, радост… Ќе го нема искрениот аплауз на самиот крај и сите вие на нозе исправени оддавајќи ни честитка за добро сработената работа. Без вас ќе не нема ни нас, наша драга публико, вели Стаматовски.

Додава дека театарот нема да го спаси или смени светот. Тоа е веќе утописка флоскула. За жал на светот му треба многу повеќе од театар за спас.

– Но вие, драга публико, го менувате и спасувате нашиот свет, мојот свет. Секоја вечер, после секоја изведба, после секоја премиера ми додавате повеќе смисла, повеќе желба и ентузијазам, повеќе жар во градиве за ова што сум избрал да го работам, да го живеам и со него да продолжам до самиот крај. Театарот! Да ни е честит денешниот ден! Да ни е вечен театарот! – стои во пораката.

Денеска се одбележува Светскиот ден на театарот, 27-ми март. Во оваа форма, како Национална установа во рамки на Центарот за култура „Григор Прличев“, Народниот театар Охрид опстојува од 2011 година, кога по долгогодишни иницијативи во Охрид се возобнови професионалниот театар. Во текот на изминативе 13 години се продуцирани бројни премиери и гостувања на повеќе фестивали.

Во чест на Светскиот ден на театарот, актерите од охридскиот театар вечерва ќе ја изведат претставата „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристевска Петрушева. Изведбата ќе биде бесплатна за публиката, а почетокот е во 20:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Стрезо Стаматовски ФБ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука