ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Пожарите во охридско се гасат и со три авиони „Ер трактор“

Скопје/Охрид, 4. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Покрај со двата хеликоптери од утрово, денеска, нешто по 11:00 часот три авиони „Ер трактор“ започнаа да полнат вода од Охридското Езеро, во насока на гасење на пожарите во регионот.

Според официјалните информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во текот на вчерашниот ден, сабота, 3-ти август 2024 година, регистрирани се вкупно 42 пожари на отворен простор, од кои во моментов се активни 5, четири се под контрола и 33 се изгаснати.

– Во регионот на Охрид, активен е пожарот на потегот кај Илинска Планина и селото Базерник, како и на четири точки на потегот кај селата Косел-Расино-Опеница-Вапила. Во Струга се изгаснати пожари на четири точки и тоа кај селата Татеши, Велешта, Калишта и Заграчани, потенцираат од ЦУК.

Пожарот кај охридското село Опеница утрово се гасеше од воздух, со помош на два хеликоптери. Со тоа продолжуваат напорите да го санираат пожарот кој е активен веќе четврти ден во близина на селата Косел, Опеница, Вапила, Куратица и Расино.

Екипата на OhridPress утрово ги сними леталата како постојано полнат вода од Охридското Езеро и ги гасат потешко пристапните предели.

Вчера беше вклучена и тешка механизација чија задача беше да направат појас за спречување на понатамошно ширење на пожарот.

– Поголемиот дел од теренот е веќе обезбеден, а останува уште помал дел каде се работи во моментов и се прават засеци директно низ огнот. Екипите ќе работат на терен се’ додека не се обезбедат сите локации, информираше вчера градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука