ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Секоја година помалку ученици, советниците изгласаа паралелки со помалку од 20 ученици, годинава запишани 436 првачиња

Охрид, 29. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на 44-та седница на Советот на Општина Охрид, советниците денеска, покрај другите одлуки, дадоа зелено светло за формирање паралелки со помалку од 20 односно 25 ученици во охридските основни и средни училишта.

Со ова продолжува трендот, кој се практикува секоја година пред почетокот на учебната година и ако постарите се сеќаваат на паралелки со по 30 и повеќе ученици, сега овие бројки се скоро двојно намалени. Колку за споредба, во учебната 2019/2020 биле запишани 483 првачиња, следната 2020/2021 биле запишани 480, во учебната 2021/2022 се запишале 504 првачиња, додека учебната 2022/2023 година во Охрид ја започнаа 539 првачиња.

Од охридската локалната велат дека сите општински основни и средни училишта се подготвени да ги дочекаат учениците во понеделник, на 2-ри септември 2024 година.

Ученички од ОУ „Григор Прличев“ освоија прво и второ место на Државен натпревар по македонски јазик и литература

– Во учебната 2024/2025 година се запишани вкупно 436 првачиња, поделени во 29 паралелки. Најмногу основци се запишале во ООУ „Григор Прличев“ – 115 поделени во 6 паралелки. Следува ООУ „Христо Узунов“ со 100 првачиња во 5 паралелки, „Св. Климент Охридски“ со 69 ученици во 3 паралелки, „Братство единство“ со 53 првачиња во 7 паралелки, „Кочо Рацин“ со 33 првачиња во 3 паралелки, ООУ „Живко Чинго“ во селото Велгошти со 29 запишани ученици во 2 паралелки, „Ванчо Николески“ во селото Лескоец со 23 првачиња во 2 паралелки и ООУ „Св. Наум Охридски“ во селото Пештани со 14 првачиња кои ќе учат во 1 паралелка. Во осумте Основни училишта на територија на Општина Охрид се запишани вкупно 4.374 ученици, поделени во 274 паралелки. Во трите Средни училишта во Охрид, во клупите ќе седнат вкупно 1.780 ученици во 87 паралелки, информираат за Супер радио и OhridPress од Општина Охрид.

Додаваат дека едносменска настава во новата учебна година ќе има само во неколку училишта на територијата на Општина Охрид.

Работа во една смена со продолжен престој до 16:00 часот ќе има во ООУ „Св. Наум Охридски“ во село Пештани, потоа во ПУ Елшани, како и во ООУ „Св. Климент Охридски“. Во ПУ „Ванчо Николески“ во село Косел настава ќе има само во прва смена со продолжен престој до 14:00 часот, додека во ПУ „Кочо Рацин“ во село Долно Лакочереј во една смена со продолжен престој.

Од понеделник учебната година ќе стартува со 3.500 помалку првачиња на ниво на државата, а поразителните бројки зборуваат дека во текот на последниве 7 години, бројот на ученици е намален за неверојатни 17 илјади. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука